Карбинци бара средства за реконструкција на патот меѓу Долни Балван и Таринци
- Напролет се очекува да започне реконструкција на една од главните патни артерии во Општина Карбинци. Градоначалникот Виктор Паунов вели дека за реконструкција на патниот правец меѓу селата До
Карбинци, 15 октомври 2022 (МИА) - Напролет се очекува да започне реконструкција на една од главните патни артерии во Општина Карбинци. Градоначалникот Виктор Паунов вели дека за реконструкција на патниот правец меѓу селата Долни Балван и Таринци се завршени сите обврски од страна на општината. Ако сè се движи според планираното, и до крајот на годината се распише тендерот од страна на Министерството за транспорт и врски, наредната година Општина Карбинци ќе добие реконструиран патен правец и нова велосипедско пешачка патека.
- Општина Карбинци го има аплицирано овој проект, тоа е еден од двата проекти кои ги имаме аплицирано во Транспорт и врски, финансирано од Светска банка, во Програмата за реконструкција на улици и патишта. Се работи за потегот од село Долни Балван до село Таринци со велосипедско пешачка патека. Сите обврски на Општина Карбинци се завршени од страна на администрацијата и на проектантскиот тим, вели Паунов.
Посочи дека ова ќе биде и првата велосипедско-пешачка патека која треба да ја добие Општина Карбинци, целосно уредена и осветлена.
- Овој патен правец е со должина од еден километар и 600 метри по истиот долж ќе биде и патеката, а ние понатаму го имаме изработено и проектот од село Таринци до село Карбинци за дополнителна велосипедско пешачка патека во должина од 1.800 метри и се надевам дека ќе успееме во наредната година барем да го отпочнеме и тој проект за да почнеме да се развиваме и во спортот и рекреацијата и во нашите населени места, додаде Паунов. вдј/мс/