• вторник, 26 ноември 2024

Каратистот Павлов в сабота ќе се бори за првото злато на Светското првенство во Дубаи: Ме чека тешка борба, но ќе дадам сè од себе

Каратистот Павлов в сабота ќе се бори за првото злато на Светското првенство во Дубаи: Ме чека тешка борба, но ќе дадам сè од себе
Дубаи,18 ноември 2021 (МИА) - Каратистот Емил Павлов в сабота во 15 часот по македонско време ќе се бори за злато на 65. Светско првенство во карате за сениори во категорија до 67 килограми, што се одржува во Дубаи. Ова е најголем успех во историјата на македонското карате и ќе биде вторпат наш каратист да освои медал на светски натпревар. Со нашиот шампион се сретнавме во Дубаи по полуфиналниот натпреварсиноќа кога репрезентативците во карате ги посетија претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците Дарко Каевски, Хисни Исмаили и Бедри Фазли, кои беа во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати. - Денеска за моја среќа јас направив историски успех. Првпат Македонија има финале на светско првенство. Каратето е еден од најуспешните и најтешките спортови кај нас, рече Павлов, кој се заблагодари што Џафери и пратениците дојдоа да ги посетат репрезентативците во карате. За својот вчераше настап, како што јави известувачот на МИА, рече дека прв пат настапувал во категоријата на каратисти до 67 килограми и дека имал многу тешка група. - Победив дури пет натпреварувачи кои беа подеднакво добри, но јас благодарение на мојот селектор, на моите тренери, на сите мои клупски другари од репрезентацијата, ме поддржаа, ми дадоа мотив и еве го направивме овој голем успех. Сега ме очекува уште настап во сабота, финалето со актуелниот олимписки шампион од Франција. Јас отсекогаш кога сум се борел во финале сум давал се од себе да го освојам тој златен медал, рече Павлов. Македонскиот каратист оцени дека го очекува тешка борба, но потенцираше дека ќе даде се од себе да ја израдува земјата со светско злато. Павлов му се заблагодарина поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, сега пратеник, Дарлко Каевски за отворената поддршка што ја давал за карате спортот во Северна Македонија и рече дека тој има удел во сите нивни успеси. Александар Кузмановски, селектор тренер за борби истакна дека ова е историски голем резултат за нас и оти со нив во Дубаи се и двајца судии Игор Лазаров и Валентина Пудеска, на кои им честита за освоените резултати, положија за највисок степен на судиско звање. Македонските каратисти, како што кажа тој, настапиле во десет категории во борби и две категории во кати. - Достојно ја претставивме земјата. Сум задоволен од успехот. Не можам да не бидам задоволен. Повторно Емил Павлов, нашето златно дете кое што освои голем резултат, историски светски медал, што беше негов сон. Корените потекнуваат од неговата школа во Штип. Овој резултат е благодарение на континуирана работа со овие генерации. Честитки до Емил Павлов за овој резултат и очекуваме ништо повеќе туку злато, рече Кузмановски. Претседателот на Карате-федерацијата Бесник Мурати им се заблагодари на Џафери и на пратениците за поддршката што им ја дадоа на каратистите доаѓајќи да ги посетат и да му честитаат на Павлов и да го охрабрат за настапот во сабота.

Претседателот на Собранието Џафери рече дека успехот на Емил Павлов е една од причините да ги посетат карате репрезентативците во Дубаи, но оти не е само тоа.

- Ова е голем успех за федерацијата и за државата и тоа да биде потстрек за помладите да работат и повеќе да се ангажираат и да можат да учествуваат и да имаат повеќе успеси. Честитки и до тимот што ја води репрезентацијата. Ова е и нивен успех. Финансиските услови се тие кои што се, но се прават напори да се поддржи секоја федерација, рече Џафери.

Пратеникот Дарко Каевски, кој е поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт, им честита на каратистите за успехот, потенцирајќи дека овој спорт е еден од најуспешните и еден од најголемите амбасадори на државата.

-Верувам дека во периодот што следува ќе продолжите со ист интензитет, со ист континуитет на настапување на големи натпреварувања и освојување на врвни резултати. Денеска тоа е Емил, утре ќе биде некој друг, за некој период ќе биде некој трет, но важно е дека каратето остварува врвни резултати, рече Каевски.

Додаде дека поддршката за каратето од државата продолжила со еднаков интензитет и оти верува дека само тоа е единствената формула и дефиниција како да дојдеме заеднички до успехот.

Македонскиот каратист Павлов во сабота за злато ќе се натпреварува со актуелниот олимписки шампион од Токио Стивен де Коста, кој е повеќекратен европски и светски првак во карате. Павлов, кој има 29 години, доаѓа од Карате клубот Штип, два пати бил европски првак и два пати освоил бронзен медал, а во 2008 година бил прогласен за спортист на Македонија. ев/зс/

Остани поврзан