• вторник, 05 ноември 2024

Каратаполов: Нема нова мобилизација во руската армија по бунтот на „Вагнер“

Каратаполов: Нема нова мобилизација во руската армија по бунтот на „Вагнер“

Москва, 3 јули 2023 (МИА) – Пратеникот Андреј Каратполов, претседател на Комитетот за одбрана во Долниот дом на рускиот Парламент, (Дума) денеска ги отфрли наводите за потребата од нова воена мобилизација во земјата, со која треба да се заменат членовите на паравоената група „Вагнер“, кои повеќе не се борат во Украина.

-Претседателот на Руската Федерација (Владимир Путин) кажа јасно, разбирливо и конкретно дека нема да има нова мобилизација, изјави Картаполов за Тасс.

„Нема потреба од мобилизација ниту денес, ниту во блиска иднина“, додаде тој.

Пратеникот оцени дека нема закана за намалување на борбениот потенцијал, како што наведе, на среден или долг рок, како и дека Москва има доволно вооружени сили да ги замени припадниците на „Вагнер“, пренесе руската агенција. 

Според него, во моментот кога беше изведен неуспешниот бунт на „Вагнер“, во првите борбени линии на фронтот во Украина немало нивни членови и сите биле во нивните кампови.

По неуспешниот бунт, на крајот на јуни, шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се согласи да оди во Белорусија, врз основа на посредништво на Минск. Според условите на тој договор, членовите на групата „Вагнер“ можат да изберат - да одат во Белорусија, да се приклучат на редовната руска армија или да се вратат во цивилниот живот.

Евгениј Пригожин рече дека целта на неговиот бунт не била да ја собори владата, туку да го спречи рускиот Генералштаб, кој тој го обвинува дека е неспособен во конфликтот во Украина, да ја растури неговата платеничка група „Вагнер“. сд/

Остани поврзан