• петок, 22 ноември 2024

Канцеларијата на израелскиот премиер потврди дека Нетанјаху ги одобрил нападите со пејџери врз „Хезболах“

Канцеларијата на израелскиот премиер потврди дека Нетанјаху ги одобрил нападите со пејџери врз „Хезболах“

Тел Авив, 11 ноември 2024 (МИА) - Канцеларијата на израелскиот премиер денеска соопшти дека Бенјамин Нетанјаху ги одобрил нападите со пејџери, кои зададоа смртоносен удар врз поддржаната од Иран либанска шиитска групација „Хезболах“.

Израелската армија, која води трансгранични борби со „Хезболах“ од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, првично одби да одговара на прашања за експлозиите.

На 17 септември илјадници пејџери се активираа истовремено во јужните предградија на Бејрут и други бастиони на „Хезболах“. Во повеќето случаи, уредите експлодирале по активирање на звучен сигнал за дојдовна порака. Претставник на либанската групација го нарече инцидентот „најголемото безбедносно нарушување“ за „Хезболах“ од почетокот на конфликтот со Израел.

Меѓу настраданите, кои брзо ги преполнија болниците, имаше многумина со повреди на очите, откинати прсти или големи рани во пределот на стомакот.

Во нападот со пејџери и последователните експлозии на токи-воки уреди наредниот ден, загинаа вкупно 39 лица, а повредени беа над 3400 лица.

Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху ја презел одговорноста за нападот на седница на кабинетот. Според нив, тој им изјавил на министрите дека високопоставени одбранбени службеници и политички фигури се спротивставиле на нападот со пејџери, но тоа не го поколебало во спроведувањето на операцијата.

По нападот со пејџери, Израел изврши воздушен удар во кој го уби лидерот на „Хезболах“, Хасан Насрала, а подоцна започна и копнени операции во Јужен Либан. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан