• недела, 22 декември 2024

Канализациската мрежа од општина Виница ќе се поврзува со станицата за пречистување отпадни води кај Кочани

Канализациската мрежа од општина Виница ќе се поврзува со станицата за пречистување отпадни води кај Кочани

Кочани, 18 мај 2023 (МИА) – Со потпишување на договорот за поврзување на Виница со пречистителната станица за отпадни води во Кочани почнува реализацијата на проектот за приклучување на фекалната канализациска мрежа од соседната општина на системот за пречистување кај кочанското село Мојанци.

Во Министерството за животна средина и просторно планирање договорот го потпишаа министерката Каја Шукова, градоначалниците на Кочани и Виница, Љупчо Папазов и Миле Петков, како и директорите на јавните комунални претпријатија од двете општини.

Проектот вклучува делумна рехабилитација и проширување на фекалната канализациска мрежа и системот за атмосферска вода во општина Виница, како и нивно целосно поврзување со пречистителната станица за отпадни води во Мојанци. Тоа ќе овозможи вклучување и на фекалната канализација од кочанските села Грдовци и Прибачево, кои досега не беа опфатени во системот за пречистување.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени од програмата ИПАРД 3, преку Секторот за спроведување на ИПА во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проектот за поврзување на канализациската мрежа од општина Виница на системот за пречистување кај Кочани, ќе го спречи директното испуштање на отпадните води во реката Брегалница, а пред околу три години од Министерството за животна средина беше најавен како приоритетен.

Пречистителната станица кај кочанското село е предадена во употреба во јули 2019 година, а чинеше околу 23 милиони швајцарски франци, што беа обезбедени како донација од владата на Швајцарија. та/цр

фото: Општина Кочани

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан