Кампања на кабинскиот персонал против плановите на ЕУ за „летови со еден пилот“
- Европската асоцијација на кабински персонал (EЦA) лансираше рекламна кампања на бриселскиот аеродром „Зевентем“ под мотото „Еден значи ниту еден“ („OneMeansNone“) во знак на протест против плановите на ЕУ за воспоставување авионски летови со само еден пилот.
Брисел, 23 јули 2024 (МИА) - Европската асоцијација на кабински персонал (EЦA) лансираше рекламна кампања на бриселскиот аеродром „Зевентем“ под мотото „Еден значи ниту еден“ („OneMeansNone“) во знак на протест против плановите на ЕУ за воспоставување авионски летови со само еден пилот.
Еднонеделната кампања, која започна минатиот викенд, е реакција на предложените измени во правилата во авиосообраќајот, со кои меѓу другото се предвидува и намалување на минималниот број на членови на екипажот во авионите при лет, вклучително и опција на некои летови да има само еден пилот, а не како што е случај сега и пилот и копилот.
Според ЕЦА, цел на нејзината кампања е да се подигне свеста во јавноста за „безбедносните ризици од намалувањето на членовите на екипажите“ во авионите.
Од друга страна Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА) тврди дека ваквата идеја е на барање производителите на авиони, кои сметаат дека технолошкиот напредок, како што се управувањето од далечина и автономните оперативни системи, можат да ги вршат задолженијата на луѓето во авионот.
Според ЕАСА, со измените ќе биде предвидено за подолги летови авионот да има два пилоти, но за време на самиот лет во пилотската кабина е доволно да биде само едниот од нив, а вториот да одмара. На куси летови, пак, ќе биде можно авионот да има само еден пилот, кој ќе управува со леталото од полетување, преку самиот лет, до слетувањето.
Претседателот на ЕЦА, Отјан де Брујн изрази надеж дека нивната кампања ќе иницира почеток на разговори со надлежните, на кои ќе докажат зошто се потребни најмалку двајца пилоти во пилотската кабина.
- Не можеме да дозволиме комерцијалните интереси да ја загрозат безбедноста на патниците, изјави Де Брујн.
Според ЕАСА, идејата за „летови со еден пилот“ засега се разгледува само за транспортни авиони, а не и за патнички летала.
- Најважно е дека безбедноста не смее да биде загрозена. Затоа, летовите мора да бидат демонстративно барем исто толку безбедни како што се сегашните летови со двајца пилоти, соопштија од ЕАСА, додавајќи дека нарачале да се изработи „независен научно-истражувачки проект“ врз основа на кој ќе се носат одлуките за измени на правилата во авиосообраќајот. сп/
Фото: МИА Архива