• понеделник, 23 декември 2024

Камерон: Ќе го предупредиме Израел дека поради страдањето на цивилите во Газа, нашето трпение е при крај

Камерон: Ќе го предупредиме Израел дека поради страдањето на цивилите во Газа, нашето трпение е при крај

Лондон, 6 март 2024 (МИА) - Велика Британија ќе го предупреди Израел дека нејзиното трпение е при крај поради „ужасните страдања“ на цивилите во Појасот Газа, каде недостигот на помош предизвикува луѓето да гладуваат, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.

Камерон, кој денеска во Лондон треба да се сретне со членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц, вчера во Парламентот изјави дека справувањето со хуманитарната помош за Газа од страна на Израел покренало прашања за усогласеноста со меѓународното право.

- Се соочуваме со ситуација на страшно страдање во Газа и опасност луѓето да умрат од глад и болести кои можат да се спречат, изјави тој во говорот во Домот на лордовите.

Камерон во Парламентот ја изнесе информацијата дека помошта во Газа е намалена за половина во февруари во споредба со онаа во јануари.

Тој најави дека за ова ќе ги предупреди израелските власти кога во текот на денот ќе се сретне со министерот Ганц, кој ќе престојува во Велика Британија.

Ганц, политички ривал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, слушна слична порака кога се состана со американската потпретседателка Камала Харис во понеделникот во Вашингтон.

Таа рече дека Израел треба да подготви „веродостоен“ хуманитарен план за Газа, откако претходно предупреди дека условите таму се „нехумани“.

ОН и другите хуманитарни агенции го обвинија Израел за блокирање или ограничување на помошта за Газа, што Тел Авив го негира.

Израел тврди дека е посветен на подобрување на хуманитарната ситуација во Газа и дека нема ограничувања за помошта за цивилите, а ги обвини Обединетите нации за проблеми со испораката, објаснувајќи дека ограничувањата на количината и темпото на помош зависат од капацитетот на ОН и други агенции. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан