• вторник, 05 ноември 2024

Камбовски: Прашањето за разрешување на Судскиот совет во целина е доста комплексно, фокусот да се насочи на предложените решенија

Камбовски: Прашањето за разрешување на Судскиот совет во целина е доста комплексно, фокусот да се насочи на предложените решенија

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - Прашањето за разрешување во целина на Судскиот совет е доста комплексно и не е едноставно, бидејќи ако го разрешите Судскиот совет со закон, тоа е големо прашање дали така може уставни тела да бидат разрешувани со обични закони во целина, како и тоа дека ќе значи мешање во судската власт т.е. во автономното право на судиите да ги избираат своите членови во Судскиот совет, вели академик Владо Камбовски.

Камбовски, кој раководеше со работната група за реформа на Судскиот совет, согласно препораките на Оценската мисија на ЕУ, вели дека фокусот сега треба да се насочи во рамки на оние предложени решенија за зајакнување на одговорноста на членовите и процедурите што се таму предвидени за обезбедување на објективни постапки за избор на членови, транспарентност, одговорност, отчетност на работата на Судскиот совет. 

-  Законот обезбедува механизми како може не само самото Собрание, туку и други иницијатори на таа постапка да доведат до одговорност и  разрешување на член на Судскиот совет за разлика од еден период кога фактички имавме еден неверојатен имунитет на членовите на Судскиот совет, тоа беше тело кое не одговараше пред никого и де факто и процедурите на покренување на постапки, иницијативи за утврдување на одговорност и разрешување не беа законски добро уредени. По мое мислење затоа треба да се оди по тој пат, да не се пребрзува со некои такви решенија. Се сеќавате дека на почетокот на онаа претходна влада имаше најава дека ќе дојде до генерален реизбор на сите судии. Лесно е да ги разрешите сите, но проблемот е после каде и како на кој начин ќе ги изберете оние кои треба да бидат на тие места, изјави Камбовски пред почетокот на завршната конференција на проектот „За правда - Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“. 

Според Камбовски, кога се излегува со идејата за разрешување на целиот Судски совет, треба да се има предвид дека тој е во основа составен така што има доминација на членови од редот на самите судии и на тој начин е даден поширок простор за фактичка активност на тоа тело за заштита на независноста и самостојноста на судството. 

- ЗСамите судии кои се во мнозинство треба во прв ред да се загрижени или заинтересирани, обврзани да ја заштитуваат својата сопствена независност, непристрасност и самостојност. И од друга страна, состав од пет членови кои овозможуваат сепак да не дојде до некоја авторитарна позиција на самите судии во однос на целиот судски систем, туку да се овозможи и извршната власт, а тоа е Претседателот како дел од извршната власт, односно Собранието, да имаат допир, увид, па на некој начин и согледби кои се неопходни за постапување на извршната власт и Собранието во поддршка на независноста и самостојноста на судството. Затоа е тој така компониран, рече Камбовски.

Но, исто така, нагласува Камбовски, треба да се најде механизми како да оневозможи преку овие членови на Судски совет што ги избира Собранието да дојде до, како што вели „активни живи непосредни политички или партиски влијанија врз работата на судовите.

Камбовски, потсети дека уште во октомври минатата година, после Оценската мисија на ЕУ беше формирана широка работна група за измени на постојниот Закон за Судски совет и донесување на нов закон врз основа на препораките кои делумно се однесуваа на измени на Законот, а делумно на неопходни уставни промени кои треба да ја зајакнат улогата на Судскиот совет како независно тело кое треба да ја гарантира самостојноста и независноста на судството.

-  Таа работна група доста интензивно работеше во сите овие месеци и пред повеќе од два месеци ја заврши својата работа и подготви една нова верзија, нов закон за Судскиот совет кој е прикачен на ЕНЕР и е достапен на јавноста и во тој нов закон се токму фокусирани, извлечени оние прашања кои се однесуваат точка по точка на препораките на Оценката мисија, изјави Камбовски.

Како што појасни тие главно се однесуваат и на актуелните прашања околу одговорноста на членовите на Судскиот совет и постапките за нивна одговорност, дисциплинска одговорност или постапка на разрешување, потоа на изборот на членовите на Судскиот совет и тоа помалку во однос на изборот од редот на судиите, а повеќе од редот на членовите што ги избира Собранието или по предлог на Претседателот на државата. 

-   Мислам дека се предложени решенија кои во се’ се поклопуваат со изнесените сугестии од страна на Оценската мисија. Во однос на изборот на членовите од страна на Собранието се предлага почитување на уставната одредба според која во Судскиот совет треба оние пет члена да се избираат од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници што не е случај со постојниот Судски совет. И второ, да се избираат во постапка која е аналогна, соодветна на постапката на избор на членови на ДКСК што исто така денеска не е случај, изјави Камбовски.

Во препораките, нагласи Камбовски, биле содржани критички забелешки за работата на постојниот Судски совет кои се познати, но не било содржано никакво децидно изразено мислење дека постојниот Судски совет треба да се разреши. аа/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан