• вторник, 12 ноември 2024

Калеска Ванчева: СДСМ и парламентарното мнозинство поднесе измени на закони со кои се ограничува каматата на долговите

Калеска Ванчева: СДСМ и парламентарното мнозинство поднесе измени на закони со кои се ограничува каматата на долговите

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - СДСМ и парламентарното мнозинство поднесе измени на закони со кои се ограничува каматата на долговите, односно таа да не може да биде повисока од долгот. Ставаме крај на огромните каматни стапки кои досега во некои случаи и повеќекратно беа повисоки од самиот долг, информира Снежана Калеска Ванчева, пратеничка на СДСМ на денешната прес-конференција. 

Со предложените измени во Законот за облигациони односи и Законот за извршување, казнената камата нема да може да биде поголема од долгот.

- Тоа значи во ситуација кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече или во пракса, за долг од 1.000 денари, максималниот износ на каматата да биде 1.000. Понатаму, со предлог законски измени се предвидува скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката, појасни таа.

Ова во пракса значи намалување на можноста за акумулирање на каматата, но и стимулација за побрза наплата од страна на доверителите.

На овој начин, нагласи Калеска Ванчева, ставаме крај на енормните камати што повеќекратно го надминуваа долгот и на тој начин граѓаните, па и цели семејства се туркаа во должничко ропство.

- Овие предложени измени директно ќе се однесуваат и на Законот за финансиски друштва каде што е регулирано финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит ако трошоците што  не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги, рече пратеничката од СДСМ.

Додаде дека се зајакнува и контролата, со новите измени и дополнувања на Законот на финансиски друштва се зајакнува и контролата на државата врз работењето на финансиските друштва, но и во она што значи наплата на трошоци, висина на трошоци но бидејки овде не беше вклучена казнената камата бидејќи таа е регулирана со Законот за облигациони односи затоа велиме дека со овие измени директно ќе влијае и на Законот за финансиски друштва односно на односите којшто се ствараат помеѓу финансиски  друштва и корисниците на финансиските услуги.

- Овие измени се во директна корист на граѓаните и затоа ги повикуваме сите пратеници од сите пратенички групи, да дадат поддршка, за тие што побрзо бидат усвоени, рече меѓу другото Снежана Калеска Ванчева, пратеничка на СДСМ на денешната прес-конференција. цр/са/

Фото: СДСМ

Видео:СДСМ

 

 

Остани поврзан