• сабота, 21 декември 2024

Каиро: Присуство на израелски сили на границата со Газа е неприфатливо

Каиро: Присуство на израелски сили на границата со Газа е неприфатливо

Каиро, 26 август 2024 (МИА) - Египет нема да прифати присуство на израелски сили на својата граница со Појасот Газа, соопшти телевизијата „Ал Кахера њуз“.

Според информациите, Каиро потврдил пред сите заинтересирани страни дека присуството на израелски единици на палестинскиот дел од граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа, како и во тесниот дел на јужната египетско-палестинска граница, наречен Филаделфиски коридор, е неприфатливо. „Каиро посредува за решавање на конфликтот помеѓу Израел и палестинското движење Хамас во согласност со својата национална безбедност“, соопшти телевизискиот канал.

Присуството на ограничен број израелски војници во Газа, што го отфрлаат и Хамас и Египет, е една од спорните точки во преговорите за прекин на огнот.

Според Каиро, израелското присуство во Рафа и Филаделфискиот коридор ги нарушува договорите помеѓу двете страни и претставува предизвик за националната безбедност.

Аргументите на Израел се дека подземни тунели под границата помеѓу Египет и Газа служат за криумчарење на оружје и двојна употреба за Хамас. Египет категорично негира такво нешто и инсистира дека ги уништил тунелите пред речиси десет години.

Филаделфискиот коридор, кој е долг околу 14 километри и широк 100 метри, е тампон зона гарантирана од египетско-израелскиот мировен договор од 1979 година. Појасот беш обезбедуван од египетската армија, откако Израел го повлече своето воено присуство од Газа во 2005 година.ссм/

фото: архива

Остани поврзан