• понеделник, 23 декември 2024

Казахстан: Бројката на загинати од експлозијата во магацин за муниција се зголеми на девет

Казахстан: Бројката на загинати од експлозијата во магацин за муниција се зголеми на девет
Нур Султан, 27 август 2021 (МИА) – Во експлозијата што се случи вчера во складиште за муниција на воената единица лоцирана во областа Бајзаков во провинцијата Жамбил на југот од Казахстан, загинаа девет лица, јави агенцијата Анадолија. Министерот за одбрана на Казахстан, Нурлан Јермекбаев, изјави дека вчера околу 19 часот по локално време во воен магацин за муниција се случиле повеќе од 10 експлозии и додаде дека продолжуваат активностите за откривање на причината за експлозиите. Според последните информации добиени од официјални извори, во последователните експлозии што се случија во воениот магацин за муниција животот го загубиле девет лица, припадници на воениот персонал и спасувачката екипа. Повредени се 90 лица, од кои поголемиот дел се припадници на пожарникарските и спасувачките екипи. По експлозијата откриено е дека исчезнати се четири лица, јави Анадолија. Од синоќа, пред Градската болница број 1 во Тараз, главниот град на провинцијата Жамбил, чекаат семејствата на повредените, со цел да добијат информации за своите најблиски. Раководството на болницата информира дека повеќето од повредените се испратени дома по првата интервенција, а 28-те повредени, од кои шестмина сериозно, се наоѓаат под лекарски третман во болницата. Од друга страна, се дознава дека граѓаните евакуирани од подрачјето каде се случи експлозијата, почнале да се враќаат во своите домови.

Остани поврзан