Казахстанците на референдум гласаа за нов устав
- Казахстанските гласачи го одобрија новиот устав на референдум вчера, покажаа прелиминарните резултати што официјално ги соопшти Централната референдумска комисија на Казахстан. Тие покажуваат дека речиси 87 проценти од гласачите го поддржале новиот устав. Одѕивот бил 73 проценти.
Астана, 16 март 2026 (МИА) - Казахстанските гласачи го одобрија новиот устав на референдум вчера, покажаа прелиминарните резултати што официјално ги соопшти Централната референдумска комисија на Казахстан.
Тие покажуваат дека речиси 87 проценти од гласачите го поддржале новиот устав. Одѕивот бил 73 проценти.
Новиот устав ги спојува двата дома на парламентот во еден и ја враќа позицијата потпретседател, укината во 1996 година, која ја избира претседателот.
Претседателот исто така назначува и други клучни функционери или лидери на стратешки позиции - Централната банка, разузнавачките служби и Уставниот суд. Овие назначувања претходно беа предмет на одобрување од Сенатот, кој сега ќе биде укинат.
И стариот и новиот устав го ограничуваат претседателот на еден седумгодишен мандат, ограничувањето што го воведе актуелниот претседател Касим Жомарт Токаев во 2022 година.
Казахстан, земја со 20 милиони жители, прогласи независноста од Советскиот Сојуз во 1991 година. мс/сд/
фото: Архива