• понеделник, 23 декември 2024

Кадиров застана зад Путин: Моите војници подготвени да помогнат во задушувањето на бунтот на групата „Вагнер“

Кадиров застана зад Путин: Моите војници подготвени да помогнат во задушувањето на бунтот на групата „Вагнер“

Москва, 24 јуни 2023 (МИА) - Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров денеска изјави дека неговите сили се подготвени да помогнат во задушувањето на бунтот на шефот на платениците на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, и додаде дека доколку се покаже за потребно тие се подготвени да употребат и сурови методи.

Кадиров во својата денешна изјава однесувањето на Пригожин го нарече „забивање нож в грб“ и ги повика руските војници да не попуштаат на никакви „провокации“.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека ќе го уништи, како што рече, „вооружениот бунт“, откако Пригожин ја презеде контролата врз јужниот град Ростов, како дел од обидот да го собори военото раководство.

Пригожин побара министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов - кого го критикуваше за, како што вели, катастрофалното раководење со војната против Украина - да дојдат во Ростов. Тој кажа дека има 25.000 борци кои „ќе ја донесат правдата“ и наведе, без да обезбеди докази, дека руската војска убила голем број негови борци во воздушен напад, што Министерството за одбрана го негираше.

Руски безбедносен извор за британските медиуми потврдид дека борците на „Вагнер“ ја презеле контролата и врз воените објекти во градот Воронеж, на околу 500 километри јужно од Москва.

Руската ФСБ отвори кривична постапка против Пригожин за вооружен бунт и рече дека неговите изјави се „повици за почеток на вооружен граѓански конфликт на руска територија“. сд/

фото:архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан