• понеделник, 23 декември 2024

Кадиевска Војновиќ: Предложената даночна реформа е првата сметка која се префрла на товар на бизнисот и граѓаните од недомаќинското работење на Владата

Кадиевска Војновиќ: Предложената даночна реформа е првата сметка која се префрла на товар на бизнисот и граѓаните од недомаќинското работење на Владата
Скопје, 3 септември 2022 Почитувани, Во услови на тешка енергетска криза којашто го крахира бизнисот и домашните буџети на домаќинствата, во услови на галопирачка инфлација којашто го јаде животниот стандард на населението, ние како одговорна опозиција, како најголема политичка партија во Република Македонија ја прифативме поканата на министерот за финансии да дискутираме за даночните реформи и да ги искажеме нашите аргументи зошто сме против предложениот концепт на даночните реформи и да укажеме дека доколку оваа Влада и ова парламентарно мнозинство ги донесе истите, дека по промена на власта нема да живеаат никаква иднина. Кои се нашите агрументи? 1.  Предложениот концепт не можеме да го наречеме даночна реформа, од причина што истиот нема стратегиски пристап. Министерството за финансии го оценува само фискалниот ефект од концептот реформа, меѓутоа но не го оценува севкупниот економски ефект. Промените во даночната политика може да дестимулираат одредени сектори, може да доведат до намалени добивки, намалени приливи, намалени инвестиции, намален расположливиот доход на населението и крајно – намалена основа за одданочување. Уште повеќе, измените во даночната политика може да имаат негативно мултипликативно влијание врз економијата, од причина што неоценетото однесувањето на деловните субјекти  можеби да се прелеат од еден кон друг сектор во економијата. 2.  Второ, втор аргумент. Предложениот концепт ниту ќе обезбеди поголема праведност, ниту ефикасност во оданочувањето, ниту ќе ја намали сивата економија. ВМРО-ДПМНЕ смета дека предложената даночна реформа е во корист на неплаќачите на данок, а е на штета на легалните бизниси и на легалниот доход односно (заштеди) на граѓаните и со истата не се намалува даночната евазија, ниту пак се постигнува правичен и ефикасен даночен систем. Ако Владата навистина сака да воспостави систем на правичност и ефикасност во одданочувањето треба да започне од одданочување на сивата економија. Загубата на даночни приходи во Македонија произлегува од високата сива економија, а не од т.н. даночни расходи односно од даночните ослободувања или стимулации. Сивата економија, којашто не е одданочена според различни мерења се движи во интервал од 20-40% од БДП. Но, вистинската борба со сивата економија од страна на оваа Влада не постои. Стратегијата за формализирање на неформалната економија којшто беше изработена уште во 2018-та и го опфати периодот од 2018-2022. Никој не знае до каде е спроведена,  внимавајте веќе се поминати пет години, а немаме никакви ефекти од оваа стратегија. Сивата економија ја има во ненаплатата на данокот на додадена вредност, во ненаплата на данокот на имот и во високата употреба на кешот којшто е во секојдевното живеење. Само за илустрација, приходите од данокот на имот во 2021 година се само 64 милиона евра или 0,6% од БДП, а неговата наплата значајно се разликува по општини. Постојат општини кадешто воопшто не се наплаќа данокот на имот, меѓутоа постојат и општини со висока наплата на данокот на имот по глава на жител. Затоа ние сметаме дека проширувањето на даночната основа треба да започне од тука, а не од категориите опфатени со концептот на даночна реформа. Даночите измени се однесуваат на: 1.   Фирмите, воопшто и посебно за микро и малите трговци; 2.   Населението – односно на расположливиот доход на населението и вработувањата; 3.   Осигурителен сектор; 4.   Банкарски сектор; 5.   Пазар на капитал и 6.   Пензиски систем. Во интерес на времето, ќе ги истакнам најзначајните промени. За фирмите воопшто. Најголемата промена којашто ќе има силно негативно влијание врз ликвидноста на компаниите и врз плановите за идни инвестиции е укинувањето на даночното ослободување по основ на реинвестирана добивка. Според Владата постојното решение не влијае на создавање вистинска економска вредност. Но, официјалните податоци од Државниот завод за статика говорат спротивно. Така, инвестициите на фирмите во основни средства од 2000-2006 година пред да биде ова даночно ослободување коешто прво беше за нераспределена па потоа за реинвестирана добивка, значи во периодот пред примената инвестициите во основни средства на фирмите во овој период во просек се само 9% од БДП, за да по примената на ова даночно ослободување истите во просек од 2007-2020 година последен податок се 12,3% од БДП. Ова говори дека имало и ефект и уште повеќе што  во последниот период што го наведов имавме четири големи кризи: големата финансиска криза во 2009 година, должичката криза во еврозоната којашто влијаеше силно врз македонската економија во 2011/12 година, шарената револуција и политичката криза во 2016/17 година и последно корона криза. Ова даночно ослободување на реинвестираната добивка дало ефект, ги задржило инвестициите и во услови на криза. Сега, предложената промена на даночното ослободување само за дел од трошоците кои се однесуваат за инвестиции во зелена транзиција и дигитална трансформација нема да го има целосниот ефект зошто ? Прво фирмите во контиунитет со цел да си ја зголемат својата продуктивност инвестираат во дигитална трансформација, а некои и во зелена транзиција. Меѓутоа овие инвестиции не може да идат до недоглед, имаат циклус од 1-2 години, а потоа фирмите ќе немаат даночно ослободување. Затоа ВМРО-ДПМНЕ е јасно да остане моменталното законско решение, односно даночно ослободување на реинвестираната добивка. За малите и микро фирми. Со предложените даночни измени пазете се зголемува даночниот товар за над 40 илјади фирма-човек или мали семејни бизниси коишто до сега беа ослободени од оданочување на остварениот вкупен приход од 3 милиони денари. Ова може да резултира со префрлање на одреден дел од овие фирми од регуларниот кон неформалниот сектор. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ не ја подржува оваа даночна измена којашто ги тангира малите и микро трговци. За најголемиот дел од населението кои се позначајните промени коишто ќе влијаат врз стандардот.  Со даночните измени се зголемуваат повластените даночни стапки кај ДДВ за некои основни прехрамбени артикли, суровото масло за производство на храна, училишниот прибор, првиот промет на станови и станбени згради за станбени цели, погребалните услуги и патарини. Ова ќе доведе до натамошен раст на цените, коишто впрочем секојдневно растат и ќе биде дополнителен товар за граѓаните. Воедно, укинувањето на даночното ослободување за уплатените придонеси во доброволниот пензиски фонд, на премиите за осигурување на живот и на премиите за приватно здравствено осигурување во име и за сметка на работниците ќе го намали стимулот од страна на работодавачите да даваат вакви бенефиции за своите вработени и индиректно ќе се одрази врз атрактивноста на домашните компании. Во услови кога Македонија се соочува со одлив на човечки ресурси во странство и дефицитарни кадри во одредени економски сектори, треба вистински да се преиспитаат овие промени, значи овие  политики. Овие измени според нас негативно ќе влијаат врз растот на приватното здравствено осигурување коешто го намалува товарот на државниот пензиски фонд. Измените негативно ќе влијаат врз осигурувањето на живот и доброволниот пензиски фонд, како алтернативни начини за кумулирање на долгорошните заштеди на населението, а воедно ќе ги намалат и средствата на овие институционални инвеститори кои ги пласираат на домашниот пазар на ДХВ. ВМРО-ДПМНЕ е за задржување на постојните законски решенија и да не дојде до промена во овие сегменти. Банкарски сектор. Оданочувањето на приходите остварени од камати од орочени депозити треба да започне од 01 јануари 2023 година по многу години на одложување. Ова даночно ослободување се покажа како ефикасна мерка во стимулација на штедењето во банките. Но, во услови на значајно забавување на депозитната база од почетокот на 2022 година, и во услови на значајно намалување на  ликвидноста на банките. Сметаме дека не е време да започне, значи да се започне со одданочување на приходите од камати. Само за пример, депозитите на населението во првите седум месеци од 2022 година се зголемиле за 58 милиони евра, наспроти лани, кога за седум месеци се имаат зголемено за 136 милиони евра дупло помалку оваа година. Ова укажува на значајно намалување на потенцијалот на банките за понатамошно кредитирање, ова намалување доаѓа во услови на намален расположлив доход заради високата инфлација, којашто во јули достигна 16% и е двојно повисока од онаа во Евро зоната. А колкав ќе биде фискалниот ефект од одданочување на овие приходи. Во 2021 година приходите од камати на физичките лица изнесуваат 170 милиони евра и доколку истите се оданочат со 10%, значи фискалниот ефект е 17 милиони евра. Меѓутоа како што напоменав во услови на ниски каматни номинални стапки, негативни реални, низок потенцијал за штедење, ако имаме вакви даночни измени може и целосно да сопре штедењето во банките. ВМРО-ДПМНЕ не се залага за сегашна примена на ова даночно решение. Прогресивниот данок и покрај тоа што во предложениот концепт имаме повторно одложениот период на примена меѓутоа сепак истиот е ставен на маса за дискусија. И пазете по капитулација од пред две години и оценката дека прогресивниот данок не ги дал резултатите што ги очекувала оваа Влада, истата Влада повторно го става овој концепт да се преиспитува. Е сега, рамниот данок којшто беше воведен од страна на Владата ВМРО-ДПМНЕ се покажа како ефикасен во намалување на неформалното вработување и воопшто во намалување на невработеноста во Македонија. Рамниот данок се покажа како ефикасен и во борбата со сивата економија. Скорешно истражување од  „Finance Think” утврди дека најголеми намалувања кај сивата економија се случиле во 2009 година, што соодветствува со даночната реформа во претходните 2 години и си зајакната даночната администрација од страна на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, исто така значи рамниот данок покрај тоа што оваа Влада кажува дека е за прогресивен данок заради тоа што ќе ја зголеми правичноста и поеднаквата дистрибуција на доходот, односно само она работи на намалување на јазот помеѓу сиромашните и богатите, официјалните мерења кажуваат дека по примена на рамниот данок, GINI коефициентот којшто ја мери нерамномерната распределба на доходот во периодот од од 2010 до 2016 годна се има намалувано со поголемо темпо отколку во периодот од 2017-2019 година, 2020 дури е зголемен. Воведување на придонеси за задолжително социјално осигурување на договорите на дело и за договорите за повремено и  привремено вршење на услуги според нас ќе доведе до даночна евазија, односно до дополнително ставање во подредена позиција на формалниот во однос на неформалниот сектор. Ова дополнителното ќе ги оптовари фирмите коишто ангажираат хонорарци или пак ќе ги намали примањата на хонорарците за износот на уплатените придонеси. Почитувани, има уште многу забелешки ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа она што сакам исто така да го потенцирам е покрај тоа што сметаме дека  целосно е погрешен концептот, сметаме дека и тајмингот е целосно погрешен. Уште повеќе, краткиот рок на имплементација на сите овие даночни измени ги доведува во неизвесност сите инволвирани страни. ВМРО-ДПМНЕ смета дека ниските даночни стапки и заддржувањето на префернцијалниот третман кај предложените категории извори на приходи, инвестиции и категории деловни субјекти има позитивно влијание врз одделните сегменти од економијата и дека истиот теба да се задржи. ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека предложената даночна реформа е првата сметка којашто се префрла на товар на бизнисот и граѓаните од недомаќинското работење на оваа Влада, од енормното зголемување на јавниот долг и од  напуштање на политиката на умерени буџетски дефицити . ВМРО-ДПМНЕ смета дека стегањето на јавните финансии е повеќе од неопходно, но не преку предложената даночна реформа којашто паѓа на товар на бизнисот и граѓаните, туку преку значајно затегање на дискреционото трошење на оваа Влада. Нo, Владата секојдневно демонстрира фискална недициплина во трошењето на јавните пари. Организацијата на скапи прослави и конференции во сред криза, јавни набавки во четири очи, добиени  тендери на новоформирани фирми во ек на енергетска криза, високи трансфери државни од централен буџет до општини кои не плаќаат данок, непречено вработување во јавниот сектор, максимален историски износ на трошење на стоки и услуги, не е демонстрација на фискална дисциплина. Затоа, во услови кога оваа Владата не а штеди, овие дополнителни 54 милиони евра буџетски приходи од даночната реформа ќе исчезнат како капка во морето, односно се за покривање на зголемениот трошок на плати на јавната администрација којшто го создаде оваа Влада. Маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан