• петок, 05 декември 2025

Ишиба: За Јапонија признавањето на палестинска држава е само прашање на време

Ишиба: За Јапонија признавањето на палестинска држава е само прашање на време

Њујорк, 24 септември 2025 (МИА) – Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба во Обединетите нации изјави дека јапонското признавање на државата Палестина е само прашање на време, изразувајќи ја својата „огорченост“ од неодамнешните коментари на израелски функционери.

Франција и неколку други земји, меѓу кои и Обединетото Кралство и Канада, во понеделник ја признаа „државата Палестина“, во обид да извршат дополнителен притисок врз Израел да го заврши речиси двегодишниот воен судир со Хамас во Појасот Газа.

Најмалку 150 од вкупно 193 држави членки на ОН сега ја признаваат државата Палестина, според податоци на АФП.

- Длабоко сум огорчен од изјавите на високи израелски владини претставници кои изгледа категорично ја отфрлаат самата идеја за изградба на палестинска држава, рече Шигеру Ишиба.

- За нашата земја прашањето не е дали ќе ја признае палестинската држава, туку кога. Континуираните еднострани акции на израелската влада се неприфатливи, додаде тој.

– Сакам јасно да ставам до знаење дека ако понатамошните акции го попречат постигнувањето решение за две држави, Јапонија ќе биде принудена да преземе дополнителни мерки како одговор, нагласи јапонскиот премиер.

Неодамнешниот бран на признавања дојде во момент на ескалација на насилството на Западниот Брег, каде што израелската влада отворено ја изразува својата желба за анексија на палестинска територија, и само неколку дена по почетокот на големата израелска воена офанзива врз градот Газа.

Јапонскиот премиер во својот говор исто така нагласи дека за него е „најважно Палестина да може да постои на одржлив начин, коегзистирајќи во мир со Израел“.

- Ги повикуваме Палестинците да ја преземат својата улога како одговорна членка на меѓународната заедница. Палестинската страна мора да воспостави систем на управување што гарантира одговорност, додаде тој. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан