ИЦЈ: Мјанмар мора да го спречи геноцидот врз Рохинџите
- Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) денеска им наложи на властите во Мјанмар да ги преземат сите можни мерки за да спречат геноцид врз припадниците на муслиманското малцинство Рохинџи
Хаг, 23 јануари 2020 (МИА) - Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) денеска им наложи на властите во Мјанмар да ги преземат сите можни мерки за да спречат геноцид врз припадниците на муслиманското малцинство Рохинџи.
Претседателот на ИЦЈ, Абдулкави Ахмет Јусуф изјави дека Судот зазел став дека етничката група Рохинџи во Мјанмар „и понатаму се крајно ранливи“.
ИЦЈ истакна дека наредбата за преземање на привремени мерки за заштита на малцинствата е обврзувачка и „создава меѓународни правни обврски“ за Мјанмар.
Судиите наложија Мјанмар во рок од четири месеци да поднесе извештај за преземените мерки, а потоа секој шест месеци да поднесува извештај.
Наредбата за преземање на мерки Судот ја донесе откако Гамбија во име на група муслимански држави ја обвинуваат Мјанмар за геноцид врз Рохинџите.
Армијата на Мјанмар, каде мнозинското население се будисти, во август 2017 година презеде операција против Рохинџите во сојузната држава Ракин, како одговор на нападот на бунтовниците од редовите на муслиманското малцинство.
Операцијата, што армијата ја нарече „кампања на чистење“ доведе до раселување на повеќе од 700.000 Рохинџи, од кои најголемиот дел засолниште пронајдоа во Бангладеш.
Активистите за човекови права ја поздравија одлулката на ИЦЈ. ми/