• понеделник, 23 декември 2024

Италија: По екстрадицијата албанските криминалци со поткуп се ослободуваат од затворите

Италија: По екстрадицијата албанските криминалци со поткуп се ослободуваат од затворите
Тирана, 10 јули 2022 (МИА) - Во најновиот извештај на италијанското Министерството за правда наведени се проблемите поврзани со екстрадицираните албанските криминалци. Во извештајот за борбата против криминалот и шверцот со дрога, италијанските власти наведуваат дека албанските криминалци се екстрадираат, се ставаат во затворите во Тирана и во Валона и потоа ги напуштаат ќелиите откако ќе платат поткуп. - Албанските криминалци настојуваат сите да бидат префрлени во затворите во Тирана или Валона, бидејќи тогаш, многу од нив, плаќајќи, излегуваат кога сакаат. Албанската тема за италијанската правда е со ретка и интензивна сложеност, можеби како малку други, се наведува во извештајот. Во извештајот исто така се додава дека нема сомнеж оти големиот број на Албанци осудени во Италија, во списокот на Министерството за правда се поврзува исклучиво со рути за шверц на дрога. - Пред неколку години, албански криминалци беа доминантни во трговијата со марихуана, која главно ја внесуваа од Албанија. Денес подеднакво се занимаваат со јужноамериканските наркотици како софистицирани менаџери, газди кои бараат простор и моќ. Тие создадоа свои мрежи за кокаин од Бразил, Аргентина, Боливија, па дури и Чиле, се посочува во извештајот на италијанското министерство за правда. вт/ми/

Остани поврзан