• понеделник, 23 декември 2024

Истражување на ИССХС: Перцепцијата на најголемиот дел граѓански организации е дека постои сеопшта поларизација во земјава

Истражување на ИССХС: Перцепцијата на најголемиот дел граѓански организации е дека постои сеопшта поларизација во земјава

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Над две третини од граѓанските организации во Северна Македонија или 82,1 проценти оцениле дека е намален кредибилитетот на ЕУ во земјава, додека за рекордни 95 проценти постои политичка и социјална поларизација во општеството. За само 17,9 отсто од нив не е намален кредибилитетот на Унијата во државава. Ова е наведено во резултатите од истражувањето на Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје со наслов „Враќање на кредибилитетот на ЕУ и европскиот консензус во граѓанското општество во Северна Македонија“ на тема поларизација на граѓанското општество во однос на прашањето на европски интеграции, можен намален кредибилитет на ЕУ и како да се возобнови. 

-Перцепцијата на најголемиот дел од истакнатите организации на граѓанското општество е дека постои сеопшта поларизација во земјата, и дека тоа е предизвик со кој мора да се соочиме и да го надминеме. Мнозинството граѓански организации сржта на поларизацијата ја гледаат во одолговлекувањето во недоглед на евроинтеграцискиот процес и во фактот дека преговорите со ЕУ ја постојано ја одржуваат можноста од идни замрзнувања на процесот со тоа што ги вклучувааат договорите со Бугарија и Грција како дел од условот на добрососедство како критериум на пристапување, се наведува во заклучоците на истражувањето на ИССХС.

Натаму се наведува дека граѓанското општество ја гледа ЕУ како главен виновник за намалената кредибилност на процесот и за сеопштата поларизација во општеството.

-Се чини дека повеќето од граѓанските организации ја гледаат ЕУ како страната која треба да ги реши проблемите на нашата земја директно, вклучувајќи ги и идентитетските спорови со соседите. Не постои јасна поддршка меѓу граѓанските организации за признавање на бугарското малцинство во Уставот на земјата. Угледни граѓански организации, во значајно мнозинство, ја гледаат иницијативата Отворен Балкан како алтернатива на членството во ЕУ (или веруваат дека треба да има алтернатива), покажуваат резултатите од истражувањето.

Како што се наведува во истражувањето, „ЕУ зборува со значително поразличен јазик и навистина има услови кои, за жал, може да се одразат на идентитетските чувства на македонската нација и етнос“.-Па сепак, добрососедските односи, особено со соседите кои се земји членки на ЕУ, се легитимен критериум кој важи за сите, а не само за Северна Македонија –од идните членки се бара придонес кон стабилноста на Унијата; Северна Македонија не е исклучок во оваа смисла. Договорите со Бугарија и Грција и нивната имплементација се дел од обврската да се градат добрососедски односи и конечно и да се постигнат, кон крајот на преговарачкиот процес. Очигледно, ЕУ поставила политичка рамка за овој критериум, а не историска, дури и ако оваа рамка имплицира дека Северна Македонија мора да ги реши своите културни и идентитетски (или историски, како што ги нарекуваме во регионот) спорови со соседите. Културните и идентитетските спорови врзани за градењето на националниот наратив се експлозивни во смисла на стабилноста и безбедноста, особено во овој регион, а тоа ги вклучува и Македонија како и нејзините соседи а со тоа има ефект и врз остатокот на Европа, се наведува во истражувањето.

Во заклучоците на истражувањето се посочува дека „признавањето на бугарското малцинство не би требало да е проблем во земја која ги признава сите етнички заедници како сочинители на нацијата. Ова признавање е услов за понатамошни преговори. Ако општеството потфрли да ја поддржи оваа идеја, Северна Македонија во пракса ќе се стави во позиција на авто-вето“.-Откако ги претставивме двете визури во однос на прашањето на поларизација околу ЕУ пристапувањето, можеме да го констатираме гореспоменатиот увид: мора да се изнајде заеднички терен овие взаемно исклучувачки дискурси да станат предмет на критички разговор на добра волја, а со тоа и да дадат можност на пресоздавање на нов, споделен јазик на темата на ЕУ проширувањето како и другите аспекти на поларизацијата која е предмет на ова истражување, стои во заклучоците на истражувањето на Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје. нд/лв/

Фото: Лого ИССХС/принтсткрин

Остани поврзан