• понеделник, 23 декември 2024

Истражување: Германците сè повеќе ја критикуваат израелската воена офанзива во Газа

Истражување: Германците сè повеќе ја критикуваат израелската воена офанзива во Газа

Берлин, 30 јануари 2024 (МИА) - Сè поголем број Германци ја критикуваат израелската воена офанзива во Газа и повикуваат на траен прекин на огнот со Хамас, според истражувањето на јавното мислење објавено денеска.

Околу 43 отсто од Германците рекле дека веруваат дека воениот одговор на Израел во Појасот Газа отишол предалеку, додека само 27 отсто ги одобруваат израелските воени операции.

Анкетата, исто така, покажа дека многу Германци се за дипломатски напори за деескалација на конфликтот и посредување за примирје меѓу Израел и Хамас.

Дури 45 отсто од испитаниците рекле дека се согласуваат со повиците Израел да преговара за траен прекин на огнот со Хамас, додека 25 отсто од испитаниците се против и тврдат дека тоа дополнително ќе ја зајакне палестинската група.

Резултатите од истражувањето се објавени како дел од Извештајот за безбедност за 2024 година, годишна студија на Центарот за стратегија и виш менаџмент.

И покрај зголемениот притисок на јавноста, Берлин останува еден од најсилните поддржувачи на израелската воена офанзива во Газа. Канцеларот Олаф Шолц постојано изјавува дека неговата земја сноси посебна одговорност за Израел поради нивното нацистичко минато, потсетува Анадолија.

Израел започна офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, во која досега се убиени најмалку 26.751 Палестинци, а ранети се  65.636. Се верува дека околу 1.200 Израелци се убиени во нападот на Хамас, додека киднапирани беа околу 240 лица, од кои околу 120 се уште се во заробеништво на Хамас. ссм/

фото: архива

Остани поврзан