• понеделник, 23 декември 2024

Источното крило на НАТО очекува унапредување на врските со Украина до самитот во Вилнус

Источното крило на НАТО очекува унапредување на врските со Украина до самитот во Вилнус

Братислава, 7 јуни 2023 (МИА) - Земјите од источното крило на НАТО очекуваат самитот на Алијансата во Вилнус во јули да ја стави Украина на појасен пат кон членство откако ќе заврши војната со Русија, беше објавено синоќа на самитот на источните членки во Братислава, пренесе Хина.

Сојузниците на НАТО се расправаат за брзината на евентуалниот пристап на Украина во НАТО, а самиот Киев признава дека тоа не може да се случи додека не заврши војната со Русија.

Претседателот Володимир Зеленски минатата недела во Молдавија се состана со европските лидери, при што го повика НАТО да вети безбедносни гаранции доколку членството сè уште не е можно.

Претседателите на источните земји на Алијансата, од кои повеќето граничат со Украина или Русија, вчера се сретнаа со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како знак на натамошна поддршка за Украина во нејзиниот пристап кон НАТО.

-Ги зајакнуваме односите со Украина во смисла на конкретна практична помош, но и во доближување на односите со неа, изјави на прес-конференција словачката претседателка Зузана Чапутова, домаќин на самитот.

„Ние не го сметаме ова за проширување или навлегување на НАТО кон Русија“, додаде таа, велејќи дека ќе инсистира на давање гаранции на членките на НАТО дека Русија нема да ги апсорбира земјите на нејзините граници.

Земјите од источното крило на НАТО, Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка - познати и како Букурешт Девет - се најжестоките поддржувачи на Украина.

Некои членки на НАТО, сепак, стравуваат дека ненадејниот чекор може да ја доближи Алијансата до директна конфронтација со Русија, а унгарскиот претседател Каталин Новак предупреди да не се даваат „нереални ветувања“.

„Очекуваме дека во Вилнус ќе ги кренеме нашите односи со Украина на ново ниво и ќе почнеме нов политички пат што ќе доведе до членство на Украина во НАТО, откако тоа ќе го дозволат условите“, соопшти Букурештката деветка.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа, кој ќе биде домаќин на самитот во Вилнус, исто така кажа дека додека девет земји едногласно го поддржуваат членството на Украина во НАТО, добивањето поддршка од другите сојузници на НАТО е „проблематично“.

-Сè уште не гледаме до каде ќе оди ова, рече тој.

„Во текот на следните недели мора да најдеме начин да направиме голем чекор напред и да не ги разочараме очекувањата на Украина и нејзините поддржувачи“, додаде тој.

-Нема да биде доволно уште еднаш да се повтори дека вратите на НАТО се отворени, додаде тој.сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан