• понеделник, 23 декември 2024

Истакнати Израелци го повикуваат Вашингтон да го откаже обраќањето на Нетанјаху во американскиот Конгрес

Истакнати Израелци го повикуваат Вашингтон да го откаже обраќањето на Нетанјаху во американскиот Конгрес

Ерусалим, 26 јуни 2024 (МИА) - Група истакнати Израелци, меѓу кои и поранешниот премиер Ехуд Барак, го повика Вашингтон да ја повлече поканата до актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху да се обрати пред американскиот Конгрес на 24 јули.

Во написот објавен во делот за мислење на Њујорк Тајмс, тие ја нарекоа поканата „страшна грешка“, предупредувајќи дека говорот на Нетанјаху „нема да ја претставува државата Израел и нејзините граѓани, туку ќе биде награда за неговото скандалозно и деструктивно однесување“ кон нивната земја.

-Поканувањето на Нетанјаху ќе го награди неговиот презир кон напорите на САД да донесат мировен план, да се овозможи зголемена помош за опколениот народ во Газа и да се поштедат повеќе цивили, се вели во написот.

Дополнително, се потсетува дека Нетанјаху во неколку наврати го отфрли планот на американскиот претседател Џозеф Бајден да го отстрани Хамас од власта во Газа со формирање мировни сили.

Беше оценето дека тоа најверојатно ќе влијае на многу поширок регионален сојуз, вклучувајќи ја и визијата за решавање на израелско-палестинскиот конфликт, што не е само во интерес на Израел, туку и во интерес на двете политички партии во САД, и дека Нетанјаху е главната пречка за таквиот исход.

Написот го критикува Нетанјаху за „авторитарното преобликување на Израел“ и вели дека говорот пред Конгресот ќе му овозможи да се пофали пред своите гласачи за таканаречената американска поддршка за неговата неуспешна политика. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан