• недела, 22 декември 2024

Исплатена финансиска поддршка на организации на потрошувачи, фондации, занаетчиски комори и акредитација на лаборатории

Исплатена финансиска поддршка на организации на потрошувачи, фондации, занаетчиски комори и акредитација на лаборатории

Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска додели финансиски средства на организациите на потрошувачи за спроведување на Програмата за заштита на потрошувачите, Програмата за кофинансирање проекти за развој и унапредување на претприемништвото и занаетчиството, програмските активности на мрежите на бизнис занаетчии како и Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност.

Министерството за економија и труд, согласно Јавниот Повик за доделување средства за реализација на програми (проекти) на здруженијата на потрошувачи, има распределено финансиски средства до организациите на потрошувачи во различни градови во државата. Доделени се 340.200 денари на Организација на потрошувачи на Македонија-Скопје (ЗКМ), по 350.000 денари на организациите на потрошувачи од Охрид и од Битола, на организациите во Кочани 319.500 денари, во Штип 300.000  денари, во Тетово 340.000 денари.

Во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкуренцијата на малите и средни претпријатија, како и за поттикнувањее развој и унапредување на претприемништвото и конкуренцијата на претпријатијата, Министерството за економија и труд реализира кофинансирање на проекти на фондации и здруженија поврзани со нефинансиската поддршка за развој на бизнис и конкуренција, за кофинансирање на проекти на здруженија, фондации и занаетчиски комори за развој и промовирање на занаетчиите и сл. како и кофинансирање на проекти за занаетчиски дејности. За сите три мерки е предвидено кофинансирање 70 проценти од трошоците на проектот, но не повеќе од 350.000 денари по апликант, а по реализирање на програмата ќе бидат доделени субвенции за 26 проекти со вкупна вредност од 6.132.240 денари.

Како што информира Министерството за економија, во рамки на Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност,  се реализира мерка за  надоместување на дел од трошоците за акредитација на лаборатории, се предвидува проширување на опфатот на акредитација на постојните лаборатории за испитување или набавка на опрема за лаборатории за пуштање на пазарот безбедни квалитетни производи. Во рамки на оваа мерка е предвидено кофинансирање на трошоците  од 50 проценти од сумата не повеќе од 400.000 денари за секој апликант. Проценетата вкупна вредност е 3.000.000 денари. Корисници на оваа шема се 11 лаборатории.

Кај мерката надомест на дел од трошоците за одржување и спроведување на прифатливи социјални практики на деловните субјекти, вкупната вредност на средствата е 2.000.000 денари, а Министерството за економија и труд кофинансираше осум компании.

Имајќи ги предвид потребите на компаниите, Министерството за економија и труд и во иднина ќе продолжи со спроведување на мерки и активности насочени кон подобрување на конкурентноста на Министерство, се наведува во соопштението.

Списокот на корисници е веќе достапен на веб-страницата на министерството.лв/ев/

фото: МИА архива 

Остани поврзан