• недела, 22 декември 2024

Иселеници од Крива Паланка донираа за новогодишно украсување на нивниот роден крај

Иселеници од Крива Паланка донираа за новогодишно украсување на нивниот роден крај
Крива Паланка, 18 ноември 2022 (МИА) - И во услови на криза, Крива Паланка ќе блесне во новогодишен сјај, благодарение на собраните донации од иселениците од оваа општина во Германија, Франција и САД. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, објави водени од минатогодишната позитивна атмосфера и реакции и на жителите и на посетителите, одлучиле без средства од општинскиот буџет, со поддршка од иселеници, да ја договорат реализацијата на новогодишно украсување. -Новогодишната радост доаѓа со празничната атмосфера, а радоста и среќата на граѓаните, на најмладите и дечињата, се мотив да овозможиме градот и годинава да блесне во новогодишен сјај. Во услови на енергетска криза и без трошоци од општинскиот буџет, со желба Крива Паланка да ги усреќи дечињата со празничен лик и атмосфера, тоа го овозможуваме благодарение на нашите иселеници кои се секогаш тука за нас. Нивните успешни компании носат радост за паланчани, за што од мое лично име и од името на граѓаните на Општина Крива Паланка, од име на најмалите дечиња јавно им се заблагодарувам на:„Мак-Бау", Германија, „ГДР Компани", Франција и вработените во оваа компанија, „Селект уан", САД и „Феникс Фенетрес", Франција. Благодарност до сите што овозможуваат градот повторно, како претходната година, да биде празничен, радосен и полн со посетители за време на новогодишните празници, изјави Митовски. Најави дека и годинава на централниот градски плоштад ќе се одржи  новогодишен базар со културно забавна програма за сите генерации. Митовски ги повика сите останати кои се во можност, да донираат и помогнат за најважното, детската среќа и насмевки. ид/цр/

Остани поврзан