• петок, 05 декември 2025

Исак во составот на Шведска за мундијалските квалификации

Исак во составот на Шведска за мундијалските квалификации

 

Стокхолм, 27 август 2025 (МИА) – Иако во моментов е надвор од теренот поради спор со раководството на Њукасл, напаѓачот Александар Исак се најде на списокот на шведската репрезентација за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство во 2026 година.

Иако има договор со Њукасл до 2028 година, Исак настојува да го напушти „Сент Џејмс Парк“ и да ја продолжи кариерата во Ливерпул, но двата премиерлигаши сè уште не постигнале договор.

Шведскиот напаѓач во моментов тренира одделно од првиот тим на Њукасл, а неодамна објави порака во која наведе дека ја загубил довербата во раководството на клубот поради „прекршени ветувања“.

„Многу сум среќен што Исак сака да биде дел од тимот, тој е одличен играч“, рече селекторот на Шведска, Јон Дал Томасон.

„Неговата ситуација не е совршена и не тренирал со својот тим. Но, тој е играч кој може да биде одлучувачки и сака да биде дел од нашиот тим. Светското првенство е важно за Александар Исак“, додаде шведскиот селектор.

Шведска ги отвора квалификациите со натпревар на гостински терен во Словенија на 5 септември, а три дена подоцна ќе игра против Косово во Приштина. ег

ФОТО: ЕПА

Остани поврзан