• среда, 06 ноември 2024

Ирски трговски синџир ќе работи еден час само за постари лица

Ирски трговски синџир ќе работи еден час само за постари лица
Белфаст, 16 март 2020 (МИА) – Северноирскиот трговски синџир за храна „Ајсленд фудс“ (Iceland Foods) во Белфаст одлучи од утре од 8 до 9 часот да работи исклучиво за постари лица, за да набават неопходни продукти кои им се потребни за време на пандемијата на коронавирусот. Во соопштението на компанијата се бара од другите купувачи да ја почитуваат оваа одлука. Менаџментот на компанијата во неделата го повика населението да престане со панично купување, објаснувајќи дека поради таквото однесување, многумина на кои им требаат истите производи - ќе останат без нив. - Ја разбираме вашата загриженост, но ако купувате повеќе отколку што навистина ви е потребно, тоа ќе значи дека некој друг ќе остане без потребните производи и други набавки. Ако сме разумни и дејствуваме со заеднички сили, ќе има доволно за сите, се вели во соопштението објавено во локалните весници. Одлуката на компанијата следуваше откако британската Влада ја повика нацијата во борбата против коронавирусот да вложи напори слични на оние што и помогнаа на земјата да го издржи германското бомбардирање за време на Втората светска војна, најавувајќи долготрајна изолација на сите постари од 70 години. јт/

Остани поврзан