• четврток, 19 декември 2024

Иран со остра осуда за американските напади врз позициите на Хутите во Јемен

Иран со остра осуда за американските напади врз позициите на Хутите во Јемен

Техеран, 4 февруари 2024 (МИА) - Иран остро ги осуди нападите на Соединетите Држави и Велика Британија врз цели на милицијата Хути во Јемен, јави ДПА.

-Ова уште еднаш беше кршење на територијалниот интегритет на Јемен и со тоа јасно кршење на меѓународно признатите закони и прописи, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Коментарите дојдоа еден ден откако САД, Велика Британија и другите сојузници нападнаа вкупно 36 цели на 13 локации, вклучувајќи складишта за оружје, ракетни системи и фрлачи, системи за противвоздушна одбрана и радарски уреди.

Тоа беше трета заедничка американско-британска операција во последните недели против милицијата поддржана од Иран.

Хутите постојано гаѓаа трговски бродови на Црвеното Море од почетокот на војната во Газа меѓу Израел и милитантната палестинска организација Хамас во октомври.

Милицијата дејствува во солидарност со Хамас и цели на товарни бродови со наводни израелски врски кај јеменскиот брег.

-Овие еднострани и авантуристички операции доведоа само до уште поголема тензија во регионот и, исто така, ја загрозија меѓународната безбедност, рече Канаани.

Еден од најважните бродски рути за светската трговија се протега долж брегот на Јемен, преку кој товарните бродови од Индискиот Океан стигнуваат до Медитеранот преку Суецкиот канал во Египет.

Со оглед на зголемената опасност за бродовите долж клучниот трговски пат на Црвеното Море, многу компании сега го избегнуваат, иако тоа е најкратката врска меѓу Азија и Европа.

Наместо тоа, транспортерите одат по долга алтернативна рута, но тоа има значително влијание врз глобалната економија. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан