Иран не ја отвора Ормуската Теснина без надомест за бродарина
- „Ормуската Теснина ќе се отвори повторно само кога, според нов правен режим, штетите од наметнатата војна ќе бидат целосно компензирани од дел од приходите од бродарина за транзит низ преминот“, изјави синоќа Мехди Табатабаеи, службеник за комуникации во канцеларијата на иранскиот претседател, на „Икс“..
Техеран, 6 април 2026 (МИА) - Иран одговори на ултиматумот од американскиот претседател Доналд Трамп со објавување нови закани за Ормуската Теснина, која е витална артерија за глобалните испораки на нафта и гас - јави ДПА.
„Ормуската Теснина ќе се отвори повторно само кога, според нов правен режим, штетите од наметнатата војна ќе бидат целосно компензирани од дел од приходите од бродарина за транзит низ преминот“, изјави синоќа Мехди Табатабаеи, службеник за комуникации во канцеларијата на иранскиот претседател, на „Икс“.
Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека морскиот премин нема да се врати во претходната состојба, особено не за САД и Израел, наведуваат иранските медиуми, пренесени од ДПА.
Техеран тврди дека има контрола врз целиот премин и планира да воведе систем на бродарина за транзит низ него.
Трамп го предупреди Иран дека се соочува со напади врз електрани и мостови ако не се придржува до ултиматумот за ортворање на Теснината до вторник во 20 часот (среда 00.00 GMT). Во објава на платформата „Тру соушал“ тој рече: „Отворете го проклетиот премин, луди гадови, или ќе живеете во пеколот - САМО ГЛЕДАЈТЕ!“
Табатабаеи рече дека Трамп се обратил навредливо од „очај и бес“ обвинувајќи го за поттикнување целосна војна во регионот.
Мисија на Иран во Обединетите нации изјави на „Икс“ дека Трамп отворено се заканува дека ќе ја уништи инфраструктурата која е неопходна за опстанокот на цивилите повикувајќи ја меѓународната заедница да дејствува за да го спречи она што го опиша како воени злосторства, пренесе ДПА. сд/аб/
Фото:МИА архива