• петок, 22 ноември 2024

Иранската револуционерна гарда им забрани на припадниците да користат комуникациски уреди

Иранската револуционерна гарда им забрани на припадниците да користат комуникациски уреди

Техеран, 23 септември 2024 (МИА) - Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) им нареди на сите членови да престанат да користат какви било уреди за комуникација откако илјадници пејџери и воки-токи користени од членовите на либанската милитантна група Хезболах во Либан експлодираа минатата недела, изјавија двајца високи ирански безбедносни претставници. Еден од нив рече дека во текот на големата операција спроведена од ИРГЦ се проверуваат сите уреди, а не само опремата за комуникација.

Тој посочи дека повеќето од овие уреди се од иранско производство или се увезени од Кина и Русија. Официјалниот претставник рече дека Иран е загрижен за инфилтрацијата на израелски агенти, вклучително и Иранци на платниот список на Израел, велејќи дека во тек е темелна истрага насочена кон членовите на ИРГЦ од средна и висока позиција.

Тој додаде дека истрагата вклучува преглед на нивните банкарски сметки во Иран и во странство, како и нивните патувања и на членовите на нивните семејства.

Официјалниот претставник истакна дека Иран ја зголемил безбедноста на нуклеарните и ракетните локации.

Минатата недела во нападите на комуникациските уреди на Хезболах загинаа 39 лица, а повеќе од 3.000 беа повредени. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан