• понеделник, 23 декември 2024

ИОК: Нема санкции за Израел

ИОК: Нема санкции за Израел

 

Париз, 8 март 2024 (МИА) – Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) нема намера да го казни Олимпискиот комитет на Израел поради војната во Појасот Газа.

Ова вечерва го изјави шефот на Координативниот одбор на ИОК за Олимписките игрите 2024 во Париз, Пјер-Оливер Бекерс, по завршувањето на тридневната посета на француската престолнина.

Бекерс образложи дека судирите во Газа и во Украина, поради кој ИОК им забрани настап на руски и белоруски спортисти под национални обележја, се „различни ситуации“.

„Сега е тешко да се замислат санкции за Израел. Причините за санкциите кон Русија и тамошниот олимписки комитет се многу специфични. Русија и Рускиот олимписки комитет ги прекршија основните начела на Олимписката повелба. Тоа не се однесува ниту за Палестинскиот, ниту за Израелскиот олимписки комитет, кои коегзистираат во мир. Сосема е јасно дека станува збор за различни ситуации“, рече Бекерс.

Рускиот олимписки комитет е под санкции од ИОК од почетокот на воената инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

ИОК неодамна, сепак, дозволи руските и белоруските спортисти да учествуваат на Игрите во Париз, но под неутрален статус.

Олимписката норма досега ја исполнија осум спортисти од Русија и тројца од Белорусија. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан