• петок, 22 ноември 2024

Интервентниот фонд ќе се проширува со нови мерки, подготвен план за зголемено производство на пченица

Интервентниот фонд ќе се проширува со нови мерки, подготвен план за зголемено производство на пченица
Скопје, 18 март 2022 (МИА) - Се прави план за проширување на Програмата за интервентен фонд со нови мерки, со цел да се опфатат и другите земјоделски сектори на кои им е потребна помош во оваа светска криза, рече вечерва министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Во вечерашната дебата на Телма, Николовски истакна и дека сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. -Се планира проширување на Интервентниот фонд со дополнителни мерки за говедарство, живинарство и за други земјоделски гранки кадешто е потребна помош. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30-ти јуни годинава.  Ги следиме состојбите и навремено ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство, да има стабилност на пазарот на храна, нагласи Николовски. Тој посочи и дека веќе е подготвен план со мерки на среден и на долг рок за зголемување на домашното производство на пченица. -Доколку го зголемиме производството за 500 килограми по хектар, тоа се 30 илјади тони годишно и целта ни е на долг рок да станеме увозно независни. Имаме пораст на домашното производство од 195.000 тони  во 2017 година на 253.000 тони минатата година, со што значително се намалува увозот на пченица. И оваа оваа година во планот за есенската сеидба немаме намалување на заесенаите површини со пченица. Проценките на коморите се дека е потребен увоз на околу 50 илјади тони пченица до жетвата за два месеца и тие ќе бидат обезбедени. Очекуваме производството да биде околу 255 илјади тони, а потребите се околу 300 илјади, со што повторно се намалува делот што го увезуваме, рече Николовски. Министерот најави и дека секоја педа земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција на зголемување на домашното производство на житарки. Дополнително, со цел да се излезе во пресрет на земјоделците, следната недела Платежната агенција ќе ги исплати субвенциите за поледелски култури. Во однос на пласманот на земјоделските производи, министерот Николовски посочи дека се мобилизирани сите сектори во Министерството, но и дипломатско конзуларните претставништва, со кои денеска имаше состанок и беше разговарано за изнаоѓање алтернативни пазари за производите што се извезуваат во Украина и Русија, како и за набавка на вештачки ѓубрива. мч/цр

Остани поврзан