• вторник, 26 ноември 2024

„Интел“ затвора 17.500 работни места

„Интел“ затвора 17.500 работни места

Сиетл, 2 август 2024 (МИА) - Американскиот технолошки гигант „Интел“ вчера соопшти дека ќе отпушти речиси 18.000 работници и ќе ги намали капиталните трошоци за да ги стабилизира операциите на својата поделба на чипови со загуба.

-Ми требаат помалку луѓе во седиштето на компанијата и повеќе луѓе на терен, со клиенти, рече извршниот директор Пет Гелсингер.

Околу 17.500 работници ќе бидат отпуштени, повеќето до крајот на годинава.

Заклучно со 29 јуни, во „Интел“ беа вработени 116.500 лица, без одделните филијали.

Компанијата најави и дека следната година ќе ги намали оперативните трошоци и капиталните расходи за повеќе од 10 милијарди долари, повеќе отколку што планирале.

Британските медиуми најавуваат дека капиталните трошоци на компанијата следната година би требало да изнесуваат 21,5 милијарди долари, што значи дека би биле помали од 2024 година.

„Интел“ го заврши вториот квартал од оваа година со нето загуба од 1,6 милијарда долари. Во истиот период лани забележа нето добивка од 1,5 милијарда долари. Одделот за производство на чипови работеше со нето загуба од 2,83 милијарди долари, 51,3 отсто повеќе од минатата година.

Раководството одлучи и да ја прекине исплатата на дивиденда во четвртиот квартал.

-Нашата цел е со текот на времето да плаќаме конкурентна дивиденда, но во моментов сакаме да се фокусираме на билансот на состојба, на раздолжувањето, рече Гелсингер.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан