• недела, 22 декември 2024

Институт за демократија: Форсајт анализи - Антикорупција 2030: Каде треба да е фокусот на Собранието?

Институт за демократија: Форсајт анализи - Антикорупција 2030: Каде треба да е фокусот на Собранието?

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Потребна е широка инвестиција во голем број институции. Политичката волја се демонстрира низ сеопфатна инвестиција во подобрувањето на интегритетот на институциите. Таа инвестиција подразбира вложување во луѓе и ресурси на институциите, но истовремено и во овозможување раководен кадар кој ќе може независно да ги води институциите. Централна одговорност за ова имаат Владата и Собранието. Владата треба да изнајде начин да го напушти именувањето врз основа на партиска припадност и да овозможи квалитетен процес на формулирање на идни антикорупциски цели и политики. Должност на Собранието е да ги штити институциите, овозможувајќи им ресурси и квалитетни закони по кои тие треба да постапуваат. Меѓутоа, веројатно најважно во замена за тоа, преку надзор да биде постојан коректив на работата на институциите поставувајќи јасни цели и очекувања за успеси во борбата против корупцијата.

Ова е резимето од Анализата на јавни политики „Антикорупција 2030: форсајт анализа на идни и
сегашни корупциски предизвици - Каде треба да е фокусот на Собранието?, што денеска го објави Институт за демократија „Социетас цивилис - Скопје“.

Форсајт анализите претставуваат алатка за навремено идентификување потенцијални ризици и идни трендови во одредена сфера од општеството. Во контекст на борбата против корупцијата, Форсајт анализата за идни и сегашни корупциски предизвици предвидува во кој правец ќе се движат корупцијата и борбата против корупцијата во Северна Македонија, во случајов до 2030 година. Нејзината цел е да развие дебата за проблемите со кои институциите во блиска иднина ќе се соочат, подвлекувајќи ја важноста за рано запознавање со ризиците и потребата од навремено стратешко планирање на борбата на ова поле.

Во 2024 година, се посочува во анализата, важно е таа да се гледа во контекст на сегашните услови и на што новиот парламентарен состав треба да се фокусира со цел да се оствари поволна клима за борбата против корупција. 

Потребен е фокус на квалитетно законодавство и засилен надзор во ризичните сектори.

- Постојат области како енергетскиот сектор кои во последно време стануваат сѐ попопуларни и каде што циркулираат сѐ повеќе пари, особено во областа на обновливите извори на енергија и ископувањето минерални суровини. Во овие области од особено важност е пратениците да се внимателни и да носат одлуки кои се детално анализирани и простудирани, се наведува во објавената анализа.

Градењето институционален отпор односно отпорот на институциите кон политичкиот притисок е важен дел во борбата против корупцијата, стои во анализата и се додава дека паралелно со носењето добри закони, Собранието треба да се стреми што повеќе да го поддржува стремежот на антикорупциските институции за градење институционален отпор, но и да им овозможи поволни услови за ефикасност во исполнувањето на нивните надлежности во борбата против корупцијата;

- Привлекување и задржување квалитетен кадар во јавниот сектор: Квалитетните човечки ресурси во антикорупциските институции се главниот двигател на борбата против корупцијата. Затоа, важно е Собранието да биде отворено за поголема алокација на финансиски ресурси кон институциите кои се најпогодени од недостигот на квалитетен кадар. Таквите институции, пак, треба да подготват долгорочен план со кој ќе привлечат, подготват и задржат кадар кој ќе одолее на притисокот од попривлечни вработувања во приватниот сектор или во странство, е важно за остварување поволна клима за борба против корупцијата, покажува анализата. 

Како важен фактор е и заштитата на актерите вклучени во борбата против корупцијата.

- Зад коруптивните зделки често стојат организирани криминални групи кои претставуваат сериозен ризик за безбедноста на антикорупциските актери. Како борбата против корупцијата напредува, така овие ризици ќе се зголемуваат. Важно е Собранието да ја препознае потребата од вложување во правната и техничката заштита на сите актери под постојана опасност, гарантирајќи ја нивната безбедност и благосостојба, се посочува во  „Антикорупција 2030: форсајт анализа на идни и
сегашни корупциски предизвици . 

Централната одговорност за потребните реформи, покрај Владата, стои во резимето, ја носи Собранието од кое се очекува преку квалитетен надзор да биде постојан коректив на работата на институциите, поставувајќи им јасни цели и очекувања за успеси во борбата против корупцијата.

Овој документ за јавни политики, подвлекуваат од Институт за демократија „Социетас цивилис - Скопје“ е дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ чија цел е да придонесе кон реформски процеси во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и креирањето реформи во владеење на правото, овозможувајќи дијалог меѓу партиите и подмладоците, како и меѓу пратениците и граѓанското општество. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија. цр/са/

https://idscs.org.mk/wp-content/uploads/2023/06/B5_scenario_2023MKD.pdf

Фото: принтскрин

Остани поврзан