• недела, 22 декември 2024

Институтот за македонски јазик добива 17 нови вработени

Институтот за македонски јазик добива 17 нови вработени
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) – На Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во тек е вработување на 17 млади луѓе, со одобрение на Владата односно Министерството за финансии. Во изминатите 24 години Институтот имаше само едно вработување, пред четири години. За вработувањата денеска соопштија директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, и премиерот Димитар Ковачевски, во обраќањата на почетокот од седмите Отворени денови кои ќе се одржуваат до петок. -Во моментов се случува вработување на 17 млади лица. Од нив, 11 се докторанди и двајца доктори на науки по македонистика. Очекуваме разбирањето за нашите потреби да продолжи и наскоро да примиме уште неколкумина, рече директорката на Институтот, нагласувајќи дека неговата иднина е во рацете на младиот кадар. Идната година ИМЈ ќе одбележува 70 години од формирањето и 120 години од објавувањето на книгата „За македонските работи“ од својот патрон - Крсте Мисирков. -Во очи на јубилеите очекуваме дека добрата соработка со Владата и со ресорното министерство да продолжи и со нова информатичка опрема да ги обезбедиме нововработените, како што обезбедивме за постојните вработени, рече Јованова-Грујовска. Таа соопшти и дека во декември се очекува да заврши обемниот проект поддржан од Министерството за култура – дигитализација на сите картотетки на Институтот, кои имаат пет милиони единици. Директорката Јованова-Грујовска во обраќањето зборуваше за историјатот и мисијата на Институтот, кој е  основан во 1953 година, нагласувајќи дека установата е меѓу ретките која  во услови на пандемија го одржала континуитетот на традиционалните конференции. Организатор е на три меѓународни конференции годишно - Денови на Благоја Корубин, научната конференција во рамки на Отворените денови, која годинава ќе биде на 19 и 20 октомври, на тема  „Македонскиот јазик - извор на научни истражувања“, како и конференцијата во рамки на Рациновите средби во Велес возобновена пред пет години. Од 2019 година ИМЈ го одбележува и Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, а секоја година се приклучува и на одбележувањето на Светскиот ден на мајчиниот јазик - 21 Февруари. На почетокот на 7. Отворени денови се обрати и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека македонскиот јазик станува официјален во ЕУ и рамноправен со другите јазици на Унијата и дека за да се исполни аманетот на Блаже Конески јазикот треба да биде зборуван. Затоа, рече тој, концептот и обврска на Владата е членството во ЕУ за идните генерации да останат во државава. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека Институтот за македонски јазик во континуитет бележи напредок и е уверен, како што рече,  дека ќе продолжи со успешна подготовка на кадар кој ќе биде столб на македонскиот јазик и култура. Ректорот на Скопскиот универзитет, Никола Јанкуловски, пак, истакна дека Институтот, кој е придружна членка на УКИМ, е првата научна институција во која се проучува македонскиот јазик на современ, лексиколошки, историски, дијалектен и ономастички план и дека од минатата година ИМЈ ги воведе и двете нови области – комуникологија и индоевропеистика со славистика. Седмите Отворени денови на Институтот за македонски јазик ќе траат до петок, 21 октомври. Утре ќе се одржи трибина „Јазикот на младите“, а в среда и четврток (19 и 20 октомври) – седмата меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“. На последниот ден, 21 октомври, во Дојран ќе се одржи Ден на српскиот јазик во Република Северна Македонија. Во рамки на годинашните Отворени денови ќе бидат одбележани 70 години од објавувањето на граматиките на Хорас Лант и на Блаже Конески, и 100 години од раѓањето на лингвистот Тодор Димитровски, еден од основачите на Институтот и меѓу авторите на Правописот и Речникот на македонскиот јазик. хс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан