• понеделник, 23 декември 2024

Инстаграм го потиснува Твитер, сè повеќе станува извор на информации

Инстаграм го потиснува Твитер, сè повеќе станува извор на информации
Лондон, 16 јуни 2020 (МИА) - Апликацијата за споделување фотографии и видеа Инстаграм ќе го престигне Твитер како извор на вести, покажува извештајот „2020 Ројтерс институт за дигитални вести“ (2020 Reuters Institute Digital News). Во истражувањето се наведува дека употребата на вести на Инстаграм од 2018 година е двојно зголемена. Овој тренд е најсилен меѓу младите. Во извештајот се наведува дека речиси четвртина од младите луѓе на возраст меѓу 18 и 24 години од Велика Британија го користат Инстаграм како извор на вести за коронавирусот. Сепак, социјалните мрежи се меѓу изворите во кои испитаниците имаат најмалку доверба, пренесува Би-би-си. Само 26 проценти од луѓето изјавиле дека им веруваат на социјалните мрежи како извор на информации за вирусот. Сличен процент од луѓето изјавиле дека веруваат во вестите што се споделуваат преку апликации за разговор како „Фејсбук месинџер“ и „Воцап“. Од друга страна, околу 59 проценти од испитаниците имаат доверба во националните влади и новинарските организации. Инстаграм сега го користат повеќе од една третина од луѓето кои одговориле на анкетата и две третини од луѓе на возраст од 25 години, а 11 проценти го користат Инстаграм за вести, што ја става оваа социјална мрежа само едно место зад Твитер. - Инстаграм стана многу популарен кај помладите луѓе, изјави шефот на истражувањето, Ник Њумен, додавајќи дека младите реагираат навистина добро на приказните кои се визуелно едноставни и добро раскажани Њумен додаде дека тоа не мора да значи дека еден извор ќе замени друг, туку дека корисниците почнуваат да користат комбинација на извори, како на пример Фејсбук и Инстаграм или Твитер и Инстаграм. Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук (како и Воцап), сега секоја недела допира до 85 проценти од луѓето. Доминацијата што ја презема од Твитер се објаснува со начинот на кој се пласираат информациите. Одделни визуелни приказни во последниве месеци помогнаа во глобалните случувања, како што се оние за климатските промени, движењето „Црните животи се важни“ и коронавирусот. јт/

Остани поврзан