• петок, 05 декември 2025

Иницијатива за зајакнување на соработката со обвинителството на Казахстан за поврат на незаконски стекнат имот

Иницијатива за зајакнување на соработката со обвинителството на Казахстан за поврат на незаконски стекнат имот

Скопје, 23 јули 2025 (МИА) - Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска имал средба со амбасадорот на Република Казахстан во нашата земја, Сатибалди Буршаков,со кого разговарал за соработката меѓу обвинителствата на двете држави и можностите за нејзино унапредување.

-Како следен чекор, на предлог на казахстанското Генерално обвинителство, се разгледува можноста за потпишување меморандум за соработка во областа на лоцирање, замрзнување и поврат на незаконски стекнат имот. Со документот се предвидуваат повеќе активности на размена на искуства, обуки и практична соработка меѓу соодветните надлежни органи кои работат на поврат на незаконски стекнат имот, информира државното Јавно обвинителство.

Во таа смисла, се наведува во соопштението, амбасадорот на Казахстан Буршаков го запознал државниот јавен обвинител Коцевски „со резултатите од работата на казахстанскиот Комитет за поврат на имот преку кој Казахстан до овој момент успеал да врати незаконски стекнат имот од околу 1,3 милијарда американски долари во готови пари, како и друг имот во вредност од 237 милиони американски долари“.

-Согласно законските одредби во таа земја, голем дел од средствата вратени во државниот буџет на овој начин, Казахстан ги користи за специјален државен фонд преку кој се финансираат социјални и општествени проекти, како што е изградба на училишта, градинки, здравствени установи, спортски комплекси и слично. Јавниот обвинител Коцевски оцени дека искуството на Казахстан во оваа област може да е корисно и за нашата држава и најави дека Јавното обвинителство на РСМ ќе ја разгледа иницијативата за потпишување меморандум за соработка, соопшти ЈОРСМ. хс/дма/

Фото: Јавно обвинителство на Република Северна Македонија 

Остани поврзан