• петок, 28 јуни 2024

Илјадници демонстранти ширум Франција против „Законот за општа безбедност“

Илјадници демонстранти ширум Франција против „Законот за општа безбедност“
Париз, 21 ноември 2020 (МИА) - Синдикатите, новинарските организации и групите за човекови права, протестираа денеска ширум Франција против член на предлог-закон, кој се смета дека е спротивен на слободата на печатот, јави дописникот на МИА. Ден по усвојувањето на првото читање од страна на Собранието на текстот со кој се казнува злонамерното ширење на слики на припадници на силите на редот, се одржаа демонстрации ширум Франција на повик, особено на новинарските синдикати, за повлекување на членот 24, кој како што сметаат, претставува „напад врз слободата на изразување“ и „владеење на правото“. Веќе во вторникот, неколку илјади демонстранти се собраа во Париз, каде имаше и насилни инциденти со полицијата, при што имаше и неколку повредени. Уапсени беа триесет и три лица, а еден новинар од Француската национална телевизија беше ставен во полициски притвор. Повикот за демонстрација беше потпишан од голем број на синдикати и новинарски друштва на редакциите, вклучувајќи ги и оние на „Фигаро“, „АФП“, „Паризиен“, „Европа 1“, „Медијапарт“, „Л’Хуманите“ ... Меѓу паролите истакнати на Трокадеро, можеше да се слушне: „Секој сака да ја сними полицијата“ и „улицата е наша“. „Слобода, слобода, слобода“ итн. Многу медиуми, исто така, објавија заедничка колумна во која велат дека „одбиваат да ги акредитираат [нивните] новинари за известување за демонстрациите при префектурата“. -Ја потврдуваме нашата приврзаност кон законот за слобода на печатот од 1881 година и ќе бидеме будни за да обезбедиме негово зачувување, продолжуваат тие. Според Софи Мазас, претседателка на Лигата за човекови права на Монпелје, „општиот закон за безбедност нè тера да паднеме во авторитарно општество, кое е насочено кон населението“. Вакви собири се одржаа во Марсеј, Сент Етјен, Руан, Нанси, но исто така и во Ниорт, Бове, Периго, Анеси, Лориен или Ле Авр. Сите тие го осудуваат предложениот закон „за опшшта безбедност“, но и новиот национален план за одржување на редот, што е спротивно според демонстрантите „со уставното право и основните принципи на Републиката“. Во срцето на полемиката, е членот 24 од овој нацрт-закон, широко поддржан од полициските синдикати. Со цел да се заштити полицијата, тој предвидува да се казни со една година затвор и парична казна од 45.000 евра ширење-објавување на „сликата на лицето или кој било друг елемент за идентификација“ на агент во интервенција кога целта е „поткопување на неговиот физички или ментален интегритет“. -Во никој случај тоа не ги спречува новинарите да работат, изјави во Собранието Жан-Мишел Фоверг, ко-известувач за законот и поранешен шеф на РАИД (Специјалните полициски сили). Целта на законот е „враќање на теренот“ во „војната со слики“ која „властите, особено Државата, ја губи“, по настаните со „жолтите елеци“ и обвинувањата за полициско насилство. Бранителот на правата Клер Хедон, побара тотално „повлекување“ на овој член, што го смета за „бескорисен“. -Во нашиот законодавен арсенал денес (...) можеме да ги казниме луѓето кои злонамерно ги користат видеата што ги снимаат. Овој член, не е прифатлив, инсистираше таа, потсетувајќи дека видеата снимени за време на интервенции на полициските сили се „многу корисни“ за бранителот на правата „кога има несоодветно однесување на безбедносните сили “. -Ако сакаме нашето население да ја врати довербата во својата полиција, што е апсолутно суштинско, ние мора да го признаеме тоа и мора да има санкции кога ќе се идентификуваат ваквите случаи, додаде таа. Соочена со контроверзиите, владата го измени овој текст за да прецизира „дека предвидените одредби нема да претставуваат пречка за слободата на информирање“, се вели во соопштението за печатот од Владата. Во својата изменета формулација, членот 24, усвоен на прво читање со 146 гласа „за“ и 24 „против“ во Националното собрание во петокот вечерта, ефективно се предвидува казнување „без да се наруши правото на информирање“. тг/ссм/

Остани поврзан