Илјадници Алавити денеска протестираа во централниот дел на Сирија против владината дискриминација
- До денешните протести во градови Латакија, Тартус и Хомс, во централниот дел на земјата, дојде два дена по убиството на бедуинска двојка што предизвика нови судири кога некои бедуини нападнаа мнозинско алавитско соседство во Хомс, третиот по големина град во Сирија.
Дамаск, 25 ноември 2025 (МИА) - Илјадници членови на сириското алавитско малцинство денеска демонстрираа во централните и крајбрежните области на земјата против тоа што тие го сметаат за акти на дискриминација од страна на новата сириска Влада.
Опозициска невладина организација соопшти дека безбедносните сили отвориле оган и повредиле едно лице, додека властите велат дека ги заштитувале демонстрантите, објавија државните медиуми.
Протестите следеа по неколку бранови конфликти во земјата откако претседателот Башар ал-Асад беше соборен во декември минатата година од страна на бунтовниците предводени од исламистичката организација Хајат Тахрир ал-Шам на сегашниот претседател Ахмад ал-Шара.
Асад, кој самиот припаѓа на Алавитите, избега од земјата во Русија. Членовите на неговото малцинство беа цел на напади. Во март, заседа од страна на поддржувачите на Асад врз безбедносните сили предизвикаа повеќедневни напади врз групата во кои загинаа стотици луѓе, повеќето од нив Алавити.
До денешните протести во градови Латакија, Тартус и Хомс, во централниот дел на земјата, дојде два дена по убиството на бедуинска двојка што предизвика нови судири кога некои бедуини нападнаа мнозинско алавитско соседство во Хомс, третиот по големина град во Сирија.
Духовниот лидер на сириските Алавити, Газал Газал, вчера во видео ги повика поддржувачите да одржат мирни протести.
Невладиниот Центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Велика Британија, објави дека станува збор за „мирен бунт на Алавитите“ што се случил на 42 локации на западот од земјата.
Центарот соопшти дека демонстрантите имаат неколку барања, вклучувајќи го правото на самоопределување, ослободување на Алавитите притворени по падот на Асад и прекин на сите акти на насилство врз членовите на нивната секта.
Центарот, исто така, објави дека еден демонстрант е повреден во крајбрежниот град Латакија.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека безбедносните сили ги штитат демонстрантите. Тој ги повика жителите на крајбрежната област да избегнуваат вклучување во разните шеми и луѓето што стојат зад нив, а чија цел е да донесат нестабилност во регионот.сд/
фото:МИА архива