• понеделник, 23 декември 2024

Илијана Иванова пред ЕП вети поголема транспарентност на инвестициските фондови на ЕУ 

Илијана Иванова пред ЕП вети поголема транспарентност на инвестициските фондови на ЕУ 

Брисел, 5 септември 2023 (МИА) - Поголема транспарентност во трошењето средства од инвестициските фондови на ЕУ и полесен пристап до нив, зајакната поддршка за малите и средни претпријатија и родова еднаквост во спортот, вети денеска номинираната кандидатка за нов еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, Илијана Иванова.  

Во денешното обраќање во Европскиот парламент таа нагласи дека соработката на ЕУ во сферата на иновациите секогаш ќе биде од суштинско значење и затоа Унијата треба во оваа сфера да воспостави посилни врски со земјите со кои има слични ставови. 

Претставувајќи ја својата програма за работа пред членовите на комитетите за индустрија, истражување и енергетика и за култура и образование на Европарламентот, Иванова посочи дека ЕУ мора да го зајакне меѓународниот аспект на програмата „Хоризонт Европа“, научноистражувачка иницијатива за периодот 2021-2027 година со која се предвидува зголемување на трошоците за научни истражувања за 50 проценти и за која од буџетот на Унијата се предвидени 95,5 милијарди евра.  

- Истражувачкиот пејзаж е фрагментиран, а јавните инвестиции за истражување и развој се под три проценти. Од програмата, исто така, поголема корист треба да имаат малите и средните претпријатија, изјави Иванова во обраќањето пред европратениците, кое беше на бугарски, германски, француски и англиски јазик. 

Иванова говореше и за своето искуство како европратеничка и за нејзината работа како член на Европскиот ревизорски суд, кои ги оцени како најважни моменти во нејзината кариера. 

Таа воедно и се заблагодари и и оддаде признание за сработеното на нејзината претходничка, Марија Габриел, која во мај се повлече од должноста еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади за да ја преземе функцијата вицепремиер и министер за надворешни работи на Бугарија. 

Во одговорите на прашања на членовите на комитетите на ЕП, Иванова делумно ја прифати оценката на германскиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Кристијан Елер дека Европската комисија често користи средства од „Хоризонт Европа“ за финансирање на „нови политички приоритети“, но посочи дека ЕУ изминативе години се соочи со „тешки кризи“ и дел од тие пари „не биле залудно потрошени“. 

На барањето на романскиот европратеник Дан Ника од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) да наброи 20 најзначајни приматели на средства од програмата „Хоризонт Европа“, Иванова изјави дека не и се познати, но најави дека ќе вложи напори да ја зголеми транспарентноста на фондовите за истражување на ЕУ и на нивните корисници. 

На забелешката на белгискиот европратеник Марк Ботенга од партијата Левица дека постојат многу ограничување во пристапот до истражувачките фондови на ЕУ, а јавноста малку знае за резултатите од постигнатите резултатите од потрошените средства, Иванова истакна дека „повратот на иновациите“ е доста висока, за што, според неа, доказ се отворените нови работни места и зголемените приходи и средства. 

- Секое инвестирано евро треба да доведе до додадена вредност и до придобивки за граѓаните на ЕУ, рече Иванова. 

Одговарајќи на прашање на нејзината сопартијка, бугарската европратеничка Ева Мејдел од редовите на ЕПП околу поддршката на малите и средни претпријатија, Иванова се осврна на програмата Акцелератор на ЕИЦ (Европски инвестициски совет), која е дел од „Хоризонт Европа“ преку која се можни директни инвестиции во високоризични старт апи, ветувајќи дека ќе „обезбеди ефективна имплементација“ на Фондот на ЕИЦ. 

Во одговор на прашање за тоа како планира да помогне за обновата на Украина, Иванова изјави дека доколку биде избрана за еврокомесарка планира да отвори канцеларија на „Хоризонт Европа“ во Киев. 

Во делот на пратеничките прашање не беше одминат ниту скандалот со претседателот на Шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес и неговото бакнување на напаѓачката на женската репрезентација на Шпанија, Жени Ермосо, за што Иванова истакна дека иако Еврокомисијата има ограничена надлежност во областа на спортот, таа сепак ќе се залага за поголема родова еднаквост во спортската сфера. 

Прашана од европратеник од редовите екстремно десничарската пратеничка група „Идентитет и демократија“ да дефинира што е „европски идентитет“, Иванова се повика на мотото на ЕУ - „Обединети во нашата различност“, потенцирајќи дека европскиот идентитет е се она што подразбира „поддршка и признавање на сите различни национални култури и идеи“.  

Засега останува непознато кога Европскиот парламент ќе се изјасни за именувањето на Иванова за еврокомесар. На утрешната седница на Конференцијата за претседатели на ЕП треба да се донесе одлука дали да се затвори расправата за сослушувањето на Иванова и дали финалното гласање за нејзиниот избор ќе се одржи за време на септемвриското пленарно заседание следната недела. 

По повлекувањето на Габриел од Европската комисија, во јуни бугарската Влада ги номинираше Иванова и Даниел Лорер како потенцијални нејзини наследници како еврокомесар од Бугарија, по што кон крајот на месецот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен реши на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ да им предложи да ја назначат Иванова за еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан