Илир Мета на распит во СПАК, обвини дека првиот човек на оваа институција работи по наредба на Рама
- Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на опозициската Партија на слободата, Илир Мета, денеска е на распит во Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК.
Тирана, 13 јуни 2024 (МИА) - Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на опозициската Партија на слободата, Илир Мета, денеска е на распит во Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК.
Пред да влезе во зградата, Мета одбра да не открие за кој случај е повикан, но продолжи со нападите кон Алтин Думани. Првиот човек на оваа правосудна институција го нарече „Дум Думани“, кој добива наредби од премиерот Еди Рама.
- Одам да се сретнам со Дум Думани. Дали го познавате Дум Думани? Тој е оној што не се осмелува да го отвори случајот Мекгонигал, кој е од глава до петици со Еди Рама, кој не се осмелува да го употреби името на Еди Рама, ниту во случајот со Бериша... Одам кај Дум Думани, рече тој.
Мета (55), кој беше претседател на Албанија до 24 јули 2022 година, во СПАК беше и во февруари минатата година, за да даде исказ по повеќето поднесени пријави против него, меѓу кои за перење пари и прикривање на сопственоста на зградата на партијата Движење за социјалистичка интеграција, сега Партија на слободата.
СПАК против него почна кривична постапка за лобирање во САД со 670 илјади американски долари непријавени пари на Илир Мета и неговата сопруга Моника Круемади, потоа за извршени естетски услуги, од страна на двајцата, во клиника во Сан Марино и Австрија, со непријавени пари.
Круемади, која е пратеничка од Партијата на слободата вчера пет часа беше на распит во СПАК во рамки на истрагата што се води за имотната истрага за неа и нејзината мајка и брат.
По напуштањето на СПАК, Круемади рече дека била прашана за проверките што се вршат за некои кривични дела како непријавување имот, прикривање или перење пари, врз основа на „лажната тужба што ја поднесе Ерион Велиај (градоначалник на Тирана)“. вт/паг/