• петок, 22 ноември 2024

Илиевски од АСОМ: Доколку не не прими Владата на состанок, ќе преземеме порадикални чекори

Илиевски од АСОМ: Доколку не не прими Владата на состанок, ќе преземеме порадикални чекори

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) – Ниедна европска земја нема ваков закон затоа што тој едноставно не функционира. Ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект – ниту ќе се намали играњето на игрите на среќа, ниту ризиците кои ги носат, туку ќе се отвори ново поле на нелегален профит и ризик за играчите, истакна  Васко Илиевски од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) на денешната прес-конференција во врска со вчерашната одлука на Владата, која го утврди и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии со кој се предлага деловните простории места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта.

-Наспроти овој лош закон европската пракса е прецизна да се уреди одредена индустрија, активно да се едуцира населението нешто што ние како организација самите го бараме и го спроведуваме самостојно. А може да бидеме партнер на Владата и на институциите во креирање на законите, но и борба против негативните последици бидејќи токму тоа е во наш интерес. АСОМ по којзнае кој пат бара итно повлекување на законот и формирање на работни групи помеѓу институциите и приредувачите со цел носење на ефикасен и европски закон. ЕУ и претставниците на ЕУ во земјава да побараат увид во овој закон со кој се злоупотребува европското знаменце. Одговорно тврдиме дека нема никаков правен основ истиот да се носи под европско знаменце, ниту по скратена постапка, а со тоа да се скрати и дебата, рече Илиевски.
  
Доколку од Владата итно не бидат примени на состанок и на кој било начин се обидуваат да го протуркаат законот, Илиевски рече дека ќе преземаат радикални чекори за, како што вели, да ги заштитиме вработените и оваа стопанска гранка од насилството кое што се случува преку масовни протести од страна на вработените.
  
Според Илиевски, овој закон „де јуре“ значи дека објектите за игри на среќа ќе се оддалечат 500 метри од училиштата, а „де факто“ значи гасење на индустријата, ставање на преку 10 илјади вработени на улица и оставање отворени врати за диви обложувалници и сива економија.  

-Прашуваме кој има интерес од ваков закон и зошто воопшто се предлага истиот. Сакам јасно да посочам дека анализите коишто ги имаме правено и во минатото со носење на ваков закон значат гаснење на повеќе од 98 отсто од локалите, а со тоа целосно се уништува легалната индустрија за сметка на нелегалната.  Понатаму прашуваме дали е вистина дека овој закон како побрзо би се донел и без дебата ќе биде протуркан со европско знаменце или по кратка постапка. Владата е должна одма да одговори бидејќи тоа е незаконски и неиздржано според правилата за носење на закони со европско знаменце. За ова ќе ја известиме и ЕУ. Ќе бараме итно да се повлече законот од носење во таква процедура. Владата очигледно сака преку ноќ и без дебата да донесе закон во нечиј интерес, а ако е така треба да ни одговорат во чиј, рече тој.

Прашуваат зошто предлог-законот не е достапен на претставниците од индустријата и во која демократски и правна држава се носат закони без основна дебата и комуникација со претставниците на таа индустрија. Посочуваат дека тие се директно погодени од најавите за измените на Законот и се уште не сме запознаени што прецизно тие измени предвидуваат, а со тоа добиваме индикација дека предложените измени намерно и смислено се кријат од нас.  

Од пред Владата испратија порака дека нема мирно да стојат и да дозволат нивните вработени да останат без егзистенција, бидејќи како што рече Илиевски, во оваа стопанска гранка директно и индиректно редовно добиваат повеќе од 54 илјади вработени. фф/аа/

 

Остани поврзан