• понеделник, 23 декември 2024

АСОМ: Тендерот на Државна лотарија е дискриминаторски за домашните компании, нема да учествуваме

АСОМ: Тендерот на Државна лотарија е дискриминаторски за домашните компании, нема да учествуваме

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) - Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) бара да се поништи владината одлука за отпочнување на постапка за формирање на три нови друштва за приредување на игри на среќа преку интернет.

Претседателот на АСОМ Васко Илиевски денеска во изјава за медиумите пред Владата, рече дека ниту една членка на АСОМ нема да учествува на тендерот, кој, е незаконски и дискриминаторски за домашните компании.

- Во објавата на Државна лотарија на Македонија беше информирано дека тендерската документација по јавниот повик за избор на правни лица за доделување на договор за приредување на интернет игри на среќа подигнале повеќе од десеттина компании од кои половината се друштва за приредување на игри на среќа со седиште во Република Македонија. Сето тоа го претставија како спроведување на транспарентна и законски издржана постапка, што всушност претставува класична манипулација. Тука сме да појасниме дека тендерската документација е подигната од страна на домашните компании со цел да се провери нејзината содржина. Подигнувањето на тендерската документација ги потврди нашите убедувања дека станува збор за наместен јавен повик за однапред договорени странски компании, изјави Илиевски.

Од АСОМ бараат да се донесат подзаконските акти за домашните компании да можат да приредуваат интернет игри на среќа и со тоа реално да се либерализира пазарот и да бидат вклучени сите засегнати страни во креирањето на одлуките поврзани со дејноста.

Доколку Владата остане глува на овие нвни барања, како што најави Илиевски, подготвени се да организираат масовни протести.

Илиевски изјави дека поседува информација според која на Комисијата за европски прашања во Собранието ќе се направи обид за насила да се донесе новиот Предлог закон за игри на среќа, кој, како што рече, значи крај на легалната индустрија на игри на среќа.

- Нема да стоиме мирно и да гледаме како Владата врши упад во бизнисот на игри на среќа и свесно става клуч на врата на легална индустрија која што во Буџетот на годишно ниво придонесува со повеќе од 280 милиони евра, вработува 10 илјади директни вработени, а повеќе од 54 илјади индиректни вработувања зависат од работењето на дејноста, рече Илиевски. фф/бак/

Фото: АСОМ

Остани поврзан