• петок, 12 јули 2024

Икс го крши Законот за дигитални услуги на ЕУ, оцени Европската комиија 

Икс го крши Законот за дигитални услуги на ЕУ, оцени Европската комиија 

Брисел, 12 јули 2024 (МИА) - Социјалната мрежа Икс го прекршува Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) со користење на т.н. „темни шеми“ и во делот на транспарентноста при рекламирање и пристапот до јавни податоци за истражувачите, соопшти денеска Европската комисија врз основа на нејзините прелиминарни оценки. 

„Темни шеми“ е термин со кој се означуваат корисничките интерфејси кои се внимателно направени со цел да ги измамат корисниците и да ги наведат на одредени активности. Терминот е дело на дизајнерот Хари Брињул, кој го измисли овој неологизам во јули 2010 година за именување на измамнички кориснички интерфејси. 

Според извршната потпретседателка на Еврокомисијата за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргрете Вестагер платформата Икс не е усогласена со ДСА во клучните области на транспарентност со користење на „темни шеми“ со што ги доведува корисниците во заблуда, со несоодветно означување на рекламите и со блокирање на пристапот до податоците за истражувачите.  

- Ние сме решени да обезбедиме сите платформи, вклучително и Икс, да се усогласат со законодавството на ЕУ, нагласи Вестагер. 

Според еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, прелиминарниот став на ЕК е дека Икс ги мами корисниците и го прекршува Законот за дигитални услуги.  

- X сега има право на одбрана, но ако се потврди нашиот став, ќе изречеме казни и ќе бараме значителни промени, додаде Бретон. 

Доколку се потврдат нејзините прелиминарни оценки, Европската комисија може да донесе одлука за неусогласеност со која ќе утврди дека Икс ги прекршува членовите 25, 39 и 40 став 12 од ДСА, што би повлекло можност за изрекување парични казни во висина до шест отсто од вкупниот глобален годишен приход на платформата и да и наложи да преземе мерки за отстранување на неправилностите. 

ЕК процени дека платформата Икс го дизајнирала својот интерфејс на начин што не одговара на прифатената практика, со што ги мами корисниците наведувајќи ги да се претплатат за добивање одреден статус, со што ги ограничува да носат одлуки базирани на проверени информации околу автентичноста на налозите и содржината со која комуницираат. Според Комисијата, постојат докази дека злонамерни актери ја злоупотребуваат ваквата состојба за да ги измамат корисниците. 

Понатаму, Еврокомисијата оценува и дека Икс не ги почитува правилата за транспарентност при рекламирањето, со тоа што поставува дизајнерски карактеристики и ограничувања. Според ЕК, дизајнот на Икс го оневозможува потребниот надзор и истражување на ризиците од дистрибуцијата на рекламите преку Интернет. 

Во однос на третата забелешка, Комисијата смета дека Икс не обезбедува пристап до неговите јавни податоци за истражувачите, како што е предвидено со условите наведени во ДСА. Дополнително, според ЕК, се има впечаток дека апликативниот програмски интерфејс на Икс е дизајниран на начин да ги одврати истражувачите од извршување на нивните истражувачки проекти или да ги принуди да плаќаат несоодветно високи такси. 

За ваквите свои прелиминарните наоди, Комисијата го информирала Икс и платформата сега има можност да го оствари своето право на одбрана и писмено да одговори на овие заклучоци. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан