• понеделник, 23 декември 2024

Иконому: Грчката Влада и грчките служби не користат „Предатор“ или слични софтвери за следење  

Иконому: Грчката Влада и грчките служби не користат „Предатор“ или слични софтвери за следење   
Атина, 9 август 2022 (МИА) – Ниту Владата, ниту грчките служби за безбедност го немаат набавено софтверот „Предатор“, ниту друг таков софтвер за следење и не ги користат конкретните софтвери, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина. За случајот со прислушувањето на лидерот на ПАСОК- Движење на промена (КИНАЛ), Иконому објасни дека станува збор за целосно законски процес, односно „законско следење“ по одобрување од обвинител, но управувањето од страна на Националната служба за разузнавање (ЕИП) било „погрешно и нецелосно, бидејќи беа потценети политичките димензии на случајот“. -Ставот на премиерот и на Владата јасно е за целосно расчистување на случајот, во рамката што ја одредува законот, но и природата на овие прашања. Одговорите ќе бидат дадени на соодветен начин и веќе е започнато исправување на последиците од погрешното управување, рече Иконому. Потсети дека Владата се согласила, по барањето од лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, Парламентот да се отвори порано, на 22 август за да се одржи специјална пленарна седница за конкретниот случај и ги повика сите политички сили да покажат одговорност и сериозност. Иконому го повтори она што вчера го кажа грчкиот премиер дека не бил воопшто информиран за целиот случај и одговарајќи на новинарско прашање објасни што ќе се случеше доколку Мицотакис знаел. -Она што ќе се случеше е дека текот на процесот ќе беше различен. Пред барањето да стигне до обвинителот веројатно ќе постоеше оцена на процесот врз основа на информациите, размислувањето, рамката што управата на ЕИП ќе ја предложеше за почеток на овој процес  и текот на процесот ќе беше различен, објасни Иконому. Се осврна и на ставот на лидерот на ПАСОК-КИНАЛ, велејќи дека „Андрулакис, упорно и чудно одбива да биде информиран од Владата за тоа што се случи“. -Законитоста на следењето на телефонот на господинот Андрулакис не е спорна, иако политички, како што повеќе пати кажавме, тоа е нешто што не требаше да се случи. Би ги поттикнал господинот Андрулакис и сите оние кои се преправаат дека се сомневаат во законитоста да погледнат низа правни документи, но и законот 2225/1994. Таму ќе најдат сè за легалните следења поради национална безбедност, кои не исклучуваат ниту едно лице, ниту еден субјект од опсегот на спроведување, објасни портпаролот на грчката Влада. Во однос на тоа дали целиот случај со следењето на мобилниот телефон на Андрулакис може да доведе до предвремени избори, Иконому кусо и категорично одговори: „Не“. ср/

Остани поврзан