• недела, 22 декември 2024

Изјавата на началникот на ГШ на Армијата за повторно служење војска е обид за отворање дебата, смета Пендаровски

Изјавата на началникот на ГШ на Армијата за повторно служење војска е обид за отворање дебата, смета Пендаровски
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Изјавата на началникот на ГШ на Армијата за повторно служење војска, е обид за отворање дебата, изјави вечерва претседателот на државата и врховен командант на воорушените сили Стево Пендаровски. Во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, Пендаровски рече дека е добро тоа што во изјавата на началникот на ГШ тој вели „ако така решат политичките фактори“. -  Јас сум демократ, не можам за искажано мислење да сменам никого. Најмалку началникот на Генералштабот. Тој до овој момент одлично си ја врши својата работа, нагласи шефот на државата. Пендаровски појасни дека во овој момент шест земји членки на НАТО имаат задолжителен воен рок, а во уште неколку се отвораат вакви дебати. - Не мислам дека е грев да разговараме за тоа. Мојот став е дека таа дебата е одамна решена во корист на професионални армии, наспроти Армија на регрути, рече Пендаровски. Во врска со консензусот за уставните промени, Пендаровски уште еднаш повтори дека не се согласува со форсирање на ова прашање. -  Не мислам дека тоа прашање треба да биде политички приоритет број еден. Имаме други работи за решавање, нагласи Пендаровски. Додаде дека од првиот момент кога беше отворен клубот „Ванчо Михајлов“ се залагал да се смени по итна постапка Законот и да се воведе регистер на имиња кои не може да ги даваат. - Не мислам дека телото кое допрва треба да се формира ќе го реши проблемот, затоа што нема да работи ретроактивно. Тоа што сме спиеле како држава, не не оправдува. Ние мораме да го промениме Законот, рече меѓу другото Пендаровски.

Што се однесува до образованието, претседателот Пендаровски смета дека работите не се битно променети од пред 10 години.

- Веројатно има многу причини. Јас не сум експерт за образованието иако сум бил практичар во сферата на образованието. Не се направија некои работи кои мораа да се направат за да постави образованието на подновени, ако не сосема на нови основи, рече шефот на државата.  

Според него, морало да се направи ревизија на сите факултети и универзитети кои беа отворени изминатите десет години и да се стават на ревизија сите дипломи, особено магистерските и диломите за докторати на науки. 

Во образованието, рече, мора да влеземе во стратешка смисла со фундаментални, а не со козметички промени. 

- За жал, не гледам дека до сега тоа е направено и дека има планови да се направат суштински промени во системот, рече претседателот на државата, додавајќи оти многу малку ја вклучуваме бизнис заедница да помогне во правењето на наставните планови и програми. цр/бак/

Остани поврзан