• понеделник, 23 декември 2024

Израел ќе гради нова населба на окупираниот Западен Брег

Израел ќе гради нова населба на окупираниот Западен Брег

Тел Авив, 14 август 2024 (МИА) - Израел денеска ги објави плановите за изградба на нова еврејска населба на окупираниот Западен Брег, прва од 2017 година. Населбата со израелски доселеници ќе се протега на површина од 148 хектари, пренесуваат локалните медиуми.

Израелскиот министер за финансии, Бецалел Смотрич, изјави дека оваа населба е одговор на акциите на палестинското раководство на Западниот Брег и на земјите кои ја признале палестинската држава. 

Смотрич соопшти дека израелската Влада денеска одобрила изградба на нова населба, која, како што посочуваат активистите за човекови права, е на локација прогласена за светско наследство на УНЕСКО во близина на Витлеем на окупираниот Западен Брег.

Смотрич истакна дека планот е за населбата Нахал Хелец, која се наоѓа во блокот Гуш Ецион јужно од Ерусалим. - Ниту една антиизраелска и антиционистичка одлука нема да го запре понатамошниот развој на населбата. Ќе продолжиме да се бориме против опасната идеја за палестинска држава и да утврдуваме факти на теренот. Ова е мојата животна мисија и ќе ја продолжам колку што можам, изјави екстремнодесничарскиот политичар.

Според меѓународното право, сите израелски населби на Западниот Брег се сметаат за нелегални, но Израел продолжува да ги проширува. Групата активисти „Мир сега“ го критикуваше потегот, предупредувајќи дека тоа го загрозува културното наследство на областа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан