• петок, 06 февруари 2026

Израел повторно го отвори преминот Рафа на „пробна основа“

Израел повторно го отвори преминот Рафа на „пробна основа“

Тел Авив, 1 февруари 2026 (МИА) - Граничниот премин Рафа меѓу Египет и Појасот Газа повторно е отворен денеска, по речиси една година, но со значителни ограничувања, јавуваат израелските медиуми.

Движењето на луѓе ќе биде дозволено од утре, додека сè уште се водат разговори за безбедносните и оперативните процедури, објави израелскиот портал „Јнет“, наведувајќи дека преминот засега функционира само „на пробна основа“.

Израелска портпаролка го потврди извештајот, додека палестински извори соопштија дека во почетната фаза околу 50 пациенти ќе добијат дозвола да го напуштат Појасот Газа, заедно со нивните придружници.

Од друга страна, египетски безбедносни извори наведуваат дека Израел сè уште не ја отворил палестинската страна на преминот. Израелската војска ја задржува контролата врз границата по прекинот на огнот во октомври, кој следеше по повеќе од две години војна.

Според истите извори, отворањето на преминот за движење на луѓе е одложено за понеделник, што значи дека денеска ниеден Палестинец нема да може да ја напушти Газа, а пробниот период ќе послужи за тестирање на функционирањето.

Се проценува дека од утре дневно ќе можат да ја напуштат Газа околу 150 лица, додека околу 50 ќе имаат дозвола да се вратат во разурнатата палестинска територија.

Израел претходно оваа недела соопшти дека јужниот граничен премин ќе биде повторно отворен за „ограничено движење на луѓе“, откако палестинската екстремистичка група Хамас ги предаде посмртните останки на последниот израелски заложник што го држеше во Газа.

Повторното отворање на преминот е дел од мировниот план за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп.

Израелските власти соопштија дека само околу 42.000 Палестинци кои ја напуштиле Газа за време на војната ќе можат повторно да влезат преку овој премин.

Според здравствените власти во Појасот Газа, околу 20.000 болни Палестинци во моментов чекаат дозвола да заминат на лекување во Египет, од кои 440 се во критична состојба и им е загрозен животот.

На итната листа се наоѓаат и околу 4.000 пациенти со канцер и 4.500 деца.

Влезот и излезот од Газа ќе се одобруваат во соработка со Египет, со безбедносна проверка од Израел и дополнителен скрининг од мисија на Европската Унија.

Досега, преку граничните премини со Израел беше дозволен само ограничен влез на хуманитарна помош во разурнатиот Појас Газа. ссм/

фото: ДПА 

Остани поврзан