Израел: Крајнодесничарскиот политичар Бен-Гвир повторно министер за безбедност
- Кабинетот едногласно ја одобри одлуката на Нетанјаху Бен-Гвир повторно да биде назначен за министер за внатрешна безбедност, се наведува во соопштението на премиерската канцеларија.

Тел Авив, 19 март 2025 (МИА) - Крајнодесничарскиот израелски политичар Итамар Бен-Гвир, кој поднесе оставка во јануари во знак на протест против примирјето со Хамас, се враќа во владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Кабинетот едногласно ја одобри одлуката на Нетанјаху Бен-Гвир повторно да биде назначен за министер за внатрешна безбедност, се наведува во соопштението на премиерската канцеларија.
Бен-Гвир поднесе оставка откако израелската влада се согласи на примирје со Хамас, нарекувајќи го договорот „скандалозен“.
Во меѓувреме, ситуацијата во Газа ескалира. Палестинската цивилна одбрана соопшти дека израелските воздушни напади минатата ноќ убиле 13 лица и раниле десетици.
Израелската армија потврди дека нападнала воен објект на Хамас во северниот дел на Газа.
Како дел од обидите да го принуди Хамас да ослободи повеќе заложници, Израел вчера изврши масовни напади врз Појасот Газа – најразорни откако стапи во сила примирјето на 19 јануари, договорено со посредство на Катар, САД и Египет.
Според палестинското Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, во вчерашните израелски напади загинале над 400 лица, што го прави 18 март еден од најкрвавите денови од почетокот на војната.
Нетанјаху предупреди дека израелските удари се „само почеток“ и истакна дека воениот притисок е клучен за ослободување на преостанатите заложници што се држат од страна на Хамас и други вооружени групи. ссм/
фото: архива