• четврток, 19 декември 2024

Израел го обвини Гутереш дека не прави ништо за да ги спречи нападите на Хезболах

Израел го обвини Гутереш дека не прави ништо за да ги спречи нападите на Хезболах

Ерусалим, 25 септември 2024 (МИА) - Израел во вторникот го обвини генералниот секретар на ОН дека не прави ништо за да ги „спречи нападите на Хезболах“ на нејзина територија, откако Антонио Гутереш ја спореди израелската војна против Хамас во Газа со „непрекинат ноќен  кошмар“ кој се заканува да го однесе и Либан во хаос.

„Кошмарот за кој зборувате е реалност. Таа реалност е дека Хезболах го зеде Либан како заложник и дека ОН не го признаваат она што (Хезболах) го прави и повеќе не ги исполнуваат своите основни задачи: да ги спречат нападите на Хезболах и да бараат спроведување на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност“ со што е ставен крај на војната меѓу Израел и либанското шиитско движење во 2006 година, напиша израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на X.

Гутереш претходно ги предупреди лидерите собрани во Њујорк на Генералното собрание на ОН дека „Либан е на работ на колапс“.

„Газа е ноќен кошмар кој се заканува да го вовлече целиот регион во хаос, израелскиот народ и целиот свет не смеат да дозволат Либан да стане уште една Газа“, рече шефот на ОН.

Израелската армија синоќа објави дека либанскиот Хезболах истрелал околу 300 ракети во текот на денот на израелска територија, откако претходно соопшти дека израелската авијација ги гаѓала позициите на исламистичкото движење во Либан.

„Денеска беа истрелани околу 300 ракети на израелска територија, при што беа повредени шест цивили и војници, од кои повеќето лесно“, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари на брифинг со новинарите.

Истовремено, либанскиот министер за здравство Фирас Абијадтелс за Ал Џезира изјави дека во понеделникот во израелските напади врз Либан загинале најмалку 569 луѓе, меѓу кои 50 деца и 94 жени.

За Либан тоа е најсмртоносниот ден во речиси една година размена на оган меѓу двете страни, паралелно со војната што се води во Газа. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан