• недела, 22 декември 2024

Израелски пратеник предложи закон со кој се забрануваат истраги против премиерот

Израелски пратеник предложи закон со кој се забрануваат истраги против премиерот

Ерусалим, 13 март 2023 (МИА) - Израелскиот пратеник Дејвид Амсалем денеска до Кнесетот ( израелскиот Парламент) достави своја верзија на таканаречениот „француски закон“, што на полицијата и забранува да го истражува премиерот додека е на функцијата, а е обвинет за корупција.

Израелските медиуми веднаш излегоа со забелешки дека ваквиот предлог на пратеникот Амсалем се смета за отворен обид да се заштити израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кому му се суди за три случаи на корупција.

Засега не е јасно дали законот, доколку се усвои во Кнесетот, ќе може да се применува ретроактивно.

Предлог-законот претставен денеска е сличен на оној што  Амсалем го предложи пред неколку години за да му се забрани на јавниот обвинител да го истражува премиерот, освен ако наводите се поврзани со сексуални, насилни, безбедносни  прекршувања на законот или за дрога.

-Израелски премиер е една од најсложените позиции. Тој мора да донесува судбоносни одлуки кои го засегаат целото население, вклучително дипломатски, безбедносни, економски и социјални. Како таков, тој мора да биде слободен целосно да се фокусира на нив, рече Амсалем, член на конзервативната  партија Ликуд на премиерот Нетанјаху.

На Нетанјаху му се суди за измама, нарушување на довербата и поткуп, а тој негира какво било неправилност во своето делување и тврди дека обвиненијата биле измислени од полицијата и државното обвинителство.

Новата влада на Нетанјаху, најдесничарската во историјата на Израел, спроведува план за реформи во судството, а „францускиот закон“ е последниот чекор кон зајакнување на извршната власт и слабеење на Врховниот суд.

Реформскиот план предизвика масовни протести низ Израел, а минатата сабота, на десетите по ред протестни собирања, учествуваа половина милион луѓе, наведоа организаторите.

Комисија на Кнесетот денеска го одобри предлог-законот со кој само парламентот ќе може да прогласи еден премиер за неподобен да владее поради физички или психички причини. Таквата мерка ќе бара одобрение од три четвртини од владата, а премиерот може да ја отфрли. сд/

Остани поврзан