• вторник, 05 ноември 2024

Израелските сили го продолжија нападот врз Рафа

Израелските сили го продолжија нападот врз Рафа

Рафа, 26 мај 2024 (МИА) - Израелските воени сили денеска го продолжија нападот врз Рафа, град на југот на Појасот Газа, а најмалку шест лица загинаа во областа Кирбет ал Адас, јави телевизијата Ал Џезира.

Палестинската новинска агенција Вафа извести за напад на кампот Јабна во Рафа.

Околу 900.000 луѓе избегаа од Рафа откако на 5 мај започна израелската копнена воена операција во тоа подрачје.

Речиси 85 отсто од 2,3 милиони жители на Газа претходно побегнале во Рафа и околината на градот поради конфликтот во другите делови на Газа.

Судиите на највисокиот суд на ОН во петокот му наложија на Израел веднаш да го прекине воениот напад врз Рафа.

Израел изјави дека има илјадници борци на Хамас во Рафа заедно со високи команданти. Засега, офанзивата е ограничена наисточниот кварт на Рафа.

Во меѓувреме, израелските власти оценија дека судиите на највисокиот суд на ОН во петокот донеле внимателно формулирана одлука која не го принудува Израел да ги прекине борбите во Рафа или да ја спречи земјата да се брани. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан